Од засега непознати причини во Истанбул се урнаа три ката од седумкатна зграда во истанбулската населба Џевизли, во општината Малтепе.
Спасувачките екипи веднаш излегоа на терен, а според првичните информации, спасени се најмалку пет лица, меѓу кои и две деца.
Уривањето се случило на улицата Догу, по што биле ангажирани пожарникари, припадници на Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), Националниот тим за медицинско спасување (УМКЕ), полицијата и медицински екипи.
Станарите од катовите што не се урнале биле евакуирани, додека спасувачките екипи започнале со пребарување на урнатините и потрага по евентуално затрупани лица.
Гувернерот на Истанбул, Давут Ѓул, изјави дека зградата е изградена во 1987 година и дека се состои од приземје и шест ката. Во приземјето се наоѓа деловен простор, додека на катовите има станови. Зградата има вкупно 12 станови.