По 16 години на чело на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, Јаким Неделков ја напушта функцијата, а негов наследник е Стојко Рамов.
Стојко Рамов е избран за нов претседател на СОНК, на редовен конгрес на синдикатот. Како приоритети во претстојниот период, Рамов ги најави потпишувањето колективен договор за детската заштита и нов колективен договор за културата, со цел подобрување на економско-социјалниот статус на вработените. Меѓу неговите најавени заложби се склучувањето нови колективни договори, почитувањето на веќе стекнатите права и натамошното подобрување на материјалната и социјалната положба на членовите на СОНК.
На конгресот присуствуваше и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која оцени дека соработката со СОНК придонела за спроведување на образовните политики и четиригодишниот план за континуирано зголемување на платите на наставниците, кој треба да продолжи и во март следната година.
Министерката ги истакна и кариерното напредување на наставниците, подобрувањето на условите за работа и намалувањето на административните обврски како области во кои е постигната соработка.Во однос на оптимизацијата во образованието, посочи дека реформата треба да го подобри образовниот процес и условите за работа, без отпуштање на наставниците.