Македонија бележи „добар напредок“ во Поглавјето 10 – Дигитална трансформација и медиуми, а нивото на подготвеност е подигнато на „меѓу умерено и добро ниво на подготвеност“, истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Министерот посочи дека по оценката „ограничен напредок“ во периодот од 2021 до 2024 година и „одреден напредок“ во 2025 година, годинашната оценка претставува потврда за спроведените реформи.
„Зад ова поместување стојат донесени закони, воспоставени системи и услуги што граѓаните сè повеќе ги користат. Стојат и луѓе што секојдневно работат овие промени да станат функционални“, истакна Андоновски.
Во делот на електронските услуги за граѓаните и компаниите, Андоновски рече дека, според Извештајот, до крајот на август на Националниот портал биле достапни 338 услуги. Следниот приоритет е постапките да можат да се завршуваат целосно електронски.
„Знаеме што значи одењето по документи. Излегување од работа, патување до друга општина, чекање и дополнителни трошоци. Понекогаш цел ден потрошен за една административна постапка. Секоја услуга што успешно ја префрламе во електронска форма треба да реши дел од тој проблем“, нагласи министерот.
Како втора клучна област, министерот ја издвои размената на податоци меѓу институциите. Тој посочи дека месечните трансакции на платформата за интероперабилност се зголемиле од 700 илјади во 2024 година, на 1,4 милиони во 2025 година и 5,2 милиони во 2026 година. Министерот нагласи дека поврзувањето на регистрите мора да биде проследено со квалитетни податоци, јасни правила и приспособување на административните постапки.
„Нашата обврска е да го поставиме системот. Од секоја институција очекуваме активно да учествува и да ги приспособува своите постапки. Само така поврзувањето ќе значи побрза услуга за граѓанинот“, истакна тој.
Европската комисија нотира дека до крајот на јуни 2026 година, централниот систем за електронско управување со документи и електронска архива – еДМС го користеле 44 институции. Неговото воведување е препознаено и во делот за реформата на јавната администрација.
„Нашата цел е електронското работење да стане секојдневна практика во администрацијата. Затоа проширувањето на еДМС останува меѓу нашите приоритети. Оттука, можам да најавам нови 20 институции на платформата во наредните месеци“, изјави министерот.
Во областа на сајбер-безбедноста, Комисијата го нотира воспоставувањето на владиниот тим за одговор на компјутерски инциденти, како и вложувањата во платформа за одговор и во стручни капацитети.
„Секоја нова електронска услуга носи и одговорност за нејзината сигурност. Граѓаните со право очекуваат нивните податоци да бидат заштитени, а системите да бидат достапни кога им се потребни“, истакна Андоновски.
Министерот најави продолжување на вложувањата во кадри и капацитети за навремено препознавање на заканите и координирана реакција. Во однос на
вештачката интелигенција и проектот „Везилка“, координиран од ФИНКИ, извештајот ја препознава националната антена за вештачка интелигенција, а во Поглавјето 25 ја издвојува „Везилка“ како проект што ја поврзува Македонија со европскиот екосистем преку партнерството со „Фарос“.
„Талент имаме. Нашата задача е да создадеме услови тој талент да работи, да истражува и да создава тука, во Македонија“, додаде Андоновски.
Министерот се осврна и на апликацијата „м.Услуги“, промовирана по периодот опфатен со Извештајот, нагласувајќи дека продолжуваат подобрувањата врз основа на забелешките на корисниците и развојот на дигиталниот паричник. Преостанатите препораки на Европската комисија, како што посочи, се прифаќаат како работни обврски, со фокус на поедноставување на постапките, проширување на заедничките системи и подобрување на пристапноста на услугите.