петти ден од студентските протести во албанија

Протестите во Тирана излегоа од контрола: Гумени куршуми, водени топови над 1000 уапсени

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Петтиот ден од студентските протести во Тирана со нови жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата. Чуварите на редот распоредени по институциите употребија солзавец, гумени куршуми и водени топови во обид повторно да воспостават контрола врз ситуацијата.

Припадници на специјалната единица „РЕНЕА“ (RENEA) се распоредени околу зградата на Владата, јавува „Еуроњуз Албанија“.

Министерот за правда, Тони Гогу, реагирал по инцидентите каде бил опожарен и Врховниот суд, додека според објавените информации, бил оштетен и влезот на Банката на Албанија.

„Две независни институции. Ниту една од нив не е владина канцеларија. И двете ѝ служат на државата и на граѓаните“, нагласи Гогу.

Министерот ги осуди актите на насилство, правејќи јасна разлика меѓу протестирањето и оштетувањето на институциите.

„И оние што протестираат, и оние што се лути на владата, имаат исто право на правда. Протестот е право. Насилството не е протест“, изјави тој.

Тензии на улицата „Дибра“, полицијата интервенира со солзавец и гумени куршуми

Откако демонстрантите се повлекоа од булеварот, тие се распоредија на улицата „Дибра“. Полицијата пристигна во оваа област и побара од нив да се повлечат, повикувајќи ги да се разотидат. Потоа, полициските службеници интервенираа со солзавец и гумени куршуми.

Во меѓувреме, на терен биле присутни бројни полициски сили, кои го следат движењето на демонстрантите, објави Еуроњуз Албанија.

Група демонстранти со камења нападна амбулантно возило кое се обидуваше да стигне до повредените. Од Владата упатија апел до граѓаните за итен прекин на нападите врз медицинските екипи и непречено движење на итната помош.

Ескалациите на протестите резултираа со повредени демостранти и полицајци. Според официјалните податоци од Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“ (QSUT), лекарска помош побарале вкупно 34 лица.

„Сите на нозе“, Бериша: Граѓаните во сите области да се мобилизираат за граѓанска непослушност

Претседателот на Демократската партија, Сали Бериша, излезе со изјава за медиумите, во која ги повика граѓаните  на граѓанска непослушност.

„Изразувам солидарност со сите граѓани, младите, студентите, демократите, беспартиските граѓани, социјалистите, без разлика на нивната припадност, кои учествуваат на овој протест. Ги повикувам демократите и сите граѓани во сите области да се мобилизираат со целиот свој потенцијал за граѓанска непослушност. Граѓанската непослушност во секоја област е најдрагоцената помош за студентите, борците за слобода. За студентите, за средношколците, вистинските херои.

На овој омразен режим мора да му се тресе земјата под нозете на секој квадратен метар од територијата на оваа земја. А граѓаните кои можат утре да дојдат во Тирана, нека се слеат кон главниот град. Ова е плоштадот каде што победата ќе биде запечатена од албанските граѓани.

Ги повикувам граѓаните, и како чин на задоцнета одговорност, и како чин на родителска должност кон овие млади луѓе, и како чин на граѓанска обврска за враќање на надежта во владеењето на правото, слободите и правата на Албанците во оваа земја, да се солидаризираат со бунтот.

Тоа е најсигурниот пат до најдоброто решение, но и вистинскиот пат на историјата. Уште еднаш, мојот повик е: Сите на нозе, за да му ја изречеме заслужената казна на овој режим, кој е омразен меѓу Албанците“, изјави Бериша.

 

Најнови вести