Вучиќ изјави дека не постои партија која поодговорно ги чува и штити националните и државните интереси на Србија од Српската напредна партија.
„Пред 18 години ја основавме партијата и го соборивме ненародниот режим. И успеавме да ја промениме Србија. Дали сè беше идеално, дали сè направивме како што треба? Секако дека не. Грешевме и тие грешки мора да ги прифатиме, да ги разбереме и да ги признаеме пред граѓаните. Но, дали ги менувавме работите на подобро? Да. Изградивме многу големи работи, но направивме и многу грешки. Прво јас, а потоа и многумина од вас. За мене е огромна чест довербата што денес ја добив од вас. Ќе видиме што ќе каже народот. Огромна чест, бидејќи јас знам – со сите наши недостатоци, не постои нива со жито во која нема и какол. Го има и кај нас, го има насекаде. Но, не постои партија која попрецизно, пореално, посериозно и поодговорно ги чува и ги штити нашите национални и нашите државни интереси“, рече Вучиќ.
Додаде дека мора да се остави настрана тоа што сите други секогаш се обидувале вината да ја префрлат на СНС.
„Тоа беше логично. Ние сме најодговорни. И не треба да им се лутиме на оние кои им шепотеа на новинарите и на јавноста – ‘ние сме добри, тие се злите напредњаци кои го прават тоа. Не обвинувајте нè нас’. А кога ќе се направеше нешто добро, тогаш секогаш беа први во редот да кажат дека токму тие го направиле тоа, иако за тој проект никогаш ни немаа слушнато. Не е многу важно. Важно е што ќе направиме ние. И сè зависи од нас. Од нас зависи и оваа кампања. А зависи и од тоа дали луѓето ќе разберат дека ние сакаме да се промениме себеси“, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија зборуваше и за луѓето кои излегуваат на протести против него, додавајќи дека кажувале, а во наредниот период ќе кажуваат уште многу лаги. Направи споредба со протестите во Македонија кои се случуваа пред промената на уставното име.
„Така почнаа и во Скопје. На крајот им го сменија името на државата. Исто така, зборуваа и за некакво прислушување, јас не го знам ни името на тие деца. Воопшто не им е важно што тоа беше демантирано, и понатаму го зборуваат истото.
Вучиќ во Ниш го пречека блокада од студентски протести.
Главниот одбор на СНС на денешната седница во Ниш едногласно одлучи партијата на претстојните парламентарни избори да настапи со листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, со Александар Вучиќ како носител на листата.
Вонредните избори треба да се случат на 25 октомври.