тектонски политички пресврт

„Вучиќ призна пораз“, „Историска победа на Студентската листа“- Што пишуват странските медиуми за изборите во Србија?

  • 6 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Американскиот весник „Њујорк тајмс“ објави дека долгогодишниот српски националистички владетел Александар Вучиќ го признал поразот на парламентарните избори, но дека нема големи разлики меѓу него и победничката Студентска листа кога станува збор за многу контроверзни прашања, како што се статусот на Косово или односите со Русија и Европската Унија.

Изборите се одржаа бидејќи цврстата контрола на Вучиќ врз власта беше ослабена од двегодишните протести предводени од студентите, а гласањето во голема мера беше референдум за самиот Вучиќ, најдолгогодишниот лидер во Европа надвор од поранешниот Советски Сојуз, објави весникот. Медиумот наведува дека парламентарните избори во Србија се одржаа само шест месеци откако гласачите во соседна Унгарија го отстранија од власт популистичкиот националистички лидер Виктор Орбан, близок сојузник на Вучиќ.

Вучиќ усвои многу од авторитарните методи на Орбан, а на крајот, како што се покажа, и неговиот џентлменски начин на признавање на поразот, според „Њујорк тајмс“ за синоќешното обраќање на досегашниот лидер на Србија.

„Јасно е дека ги загубивме овие избори“, ги пренесува „Њујорк тајмс“ зборовите на Вучиќ, со оценка дека тој одржал говор изненадувачки рано со кој започнала радосната прослава на десетици илјади претежно млади луѓе во центарот на Белград.

Весникот, исто така, наведува дека, по бројните извештаи за насилство и нерегуларности на гласачките места во текот на денот, многумина стравувале дека Вучиќ може да го следи примерот на својот поранешен ментор Слободан Милошевиќ, кој прогласи победа на изборите во 2000 година, а потоа беше принуден да признае пораз по масовни протести.

„Њујорк тајмс“ ја пренесува и изјавата на поранешниот дипломат од Црна Гора, Ратко Кнежевиќ, дека „она што се случи вечерва во Србија не е изборен пораз на една влада, туку тектонски удар врз политичкиот поредок воспоставен во 1987 година“. „Милошевиќ изгради поредок во кој сите соседи на Србија станаа непријатели и во кој секоја критика на владата е предавство, а Вучиќ го доведе до совршенство“, според Кнежевиќ.

Италијанските медиуми исцрпно објавија дека, „и покрај меѓународните прогнози“, Студентската листа победи, како што истакнуваат: „историска победа“ на денешните избори за членови на српскиот парламент, пренесе Бета.

Оценката дека станува збор за историска победа беше особено нагласена од весниците „Република“ (Repubblica) и „Кориере дела Сера“ (Corriere della Sera), а сите извештаи истакнуваат дека тоа предизвика бран радост низ цела Србија, пред сè во Белград.

Репортерот од Белград на деловниот весник „Il sole 24 ore“ изјави дека, „и покрај сите меѓународни проценки, Студентската листа ја извојува победата над 14-годишното владеење на Александар Вучиќ“.Тој весник објави дека Вучиќ „немаше друг избор освен да го признае поразот“ бидејќи со 70 проценти од гласачите кои излегоа на гласачките места, победата на Студентската листа е исклучително убедлива.

Хрватските медиуми објавуваа ударна вест за признанието на Александар Вучиќ дека неговата листа изгубила на предвремените парламентарни избори, а тие исто така опширно известуваат за големата прослава на улиците на Србија. Порталот Индекс пишува дека Вучиќ, иако го признал поразот, жестоко ги нападнал независните медиуми, студентското движење и странските земји што ги обвинува за соборување на неговата влада.

Јутарњи лист пишува во статијата за изборите во Србија дека „Вучиќ веќе почнал да си ја спасува главата“ со проценка дека „оди во историјата“. „По Виктор Орбан, уште еден диктатор си заминува. Тој доживеал ладен туш. По 14 години на власт“, ​​пишува Јутарњи лист.

Вечерњи лист објави иронична најава на хрватскиот министер за економија Анте Шушњар на платформата X, во која тој се пошегува дека политичарите со кои претходно се расправал на таа платформа последователно ги загубиле изборите. „Прво Орбан и Сијарто. Малку разговаравме на X и тие ги загубија изборите. Сега Вучиќ и Брнабиќ си заминуваат“, напиша Шушњар. „Не тврдам причина и последица, но како адвокат забележувам шема. Што друго можам да ви ветам?“, додаде министерот.

Агенцијата Хина пишува дека улиците на Белград биле преплавени со прослави по признавањето од страна на Вучиќ, со звук на автомобилски сирени и студенти кои извикувале „победа“ и „готов е“.

„Драга Србија, вечерва се слуша гласот на народот“, рече Радомир Сајчиќ, професор на Универзитетот во Белград, зборувајќи во име на студентите во нивниот штаб.

Доминантната фигура во српската политика во последните 14 години, националистичкиот лидер Александар Вучиќ, го призна поразот на вонредните парламентарни избори вечерва, објави Франс 24. По затворањето на гласачките места, Вучиќ без двоумење призна дека студентското движење, кое ги предводеше протестите во текот на последните две години, победило. Граѓаните на Србија излегоа на гласачките места во голем број за да го заменат претседателот кого многумина, особено студентите кои организираа бројни протести во последните две години, го обвинуваат за корупција. „Србија победи, токму како што ветивме“, рече Илија Срдановиќ, претставник на студентската коалиција, обраќајќи се кон поддржувачите кои мавтаа со шарени балони.

„Никогаш повеќе нема да имаме тиранин во оваа земја“, додаде тој.

Овие избори, кои студентите ги окарактеризираа како „референдум против Вучиќ“, претставуваа прва реална шанса за промена на власта од 2012 година, која се појави пред 6,4 милиони гласачи во земјата, додаде Франс 24.

Популистичкиот лидер Александар Вучиќ го призна поразот на парламентарните избори, откако српските граѓани денеска во голем број излегоа на гласачките места за да го заменат претседателот кого многумина, особено студентите, кои организираа бројни протести во последните две години, го обвинуваат за корупција, кави Ројтерс. Вучиќ се соочи со протести против корупцијата, кои избувнаа по уривањето на покривот на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година – инцидент во кој 16 лица ги загубија животите. Победата на опозицијата, предводена од студенти, означува значајна политичка промена во оваа балканска држава со околу шест милиони жители.

Ова би можело да послужи и како модел за други студентски движења низ Европа, кои излегоа на улиците во последните недели – понекогаш насилно – за да протестираат против лошиот квалитет на образованието и недостатокот на перспектива за иднината.

Откако дојде на власт во 2014 година, Вучиќ ја водеше земјата низ период на економски развој, но во исто време се соочи со растечко незадоволство поради она што неговите противници го опишуваат како корупција и авторитаризам, додаде Ројтерс.

Американската агенција АП пишува дека „српскиот владетел Александар Вучиќ го призна поразот на движењето предводено од студентите – и тоа предвизика тектонски политички пресврт“.

„Долгогодишниот владетел на Србија го призна поразот на изборите на кои тој и неговата десничарска партија се соочија со разновидно опозициско движење, предводено од студенти, кои протестираа против неговото владеење две години“, пренесе Бета.

АП истакнува дека „зборуваме за тектонски политички пресврт во оваа балканска земја која 14 години ја управуваше Вучиќ – политичар кој беше поддржан од рускиот претседател Владимир Путин и кој го нарече студентското движење државен удар предводен од странство за да го соборат од власт“.

Агенцијата објави дека парламентарните избори во Србија беа обележани со голема излезност и растечки тензии, и дека изборите се претворија во еден вид референдум помеѓу десничарската Српска прогресивна партија на Вучиќ и „Студентска листа“, која е поддржана од млади луѓе.

Победата на студентите, проценува АП, потсетува на неодамнешниот изборен пораз на еден од сојузниците на Вучиќ во Унгарија, каде што учеството на младите луѓе придонесе за соборување на автократот Виктор Орбан и доаѓањето на нова, проевропска влада.

Најнови вести