Завршува 16. издание на Меѓународниот флејтистички концертен подиум на Кожув Планина во близина на Кавадарци.
На манифестацијата учествуваа 15 млади флејтисти од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Бугарија, кои во текот на неколкудневната програма имаа можност да работат и да ги усовршуваат своите музички вештини под менторство на истакнати професори и флејтисти од регионот.
Уметничкиот и едукативниот дел го реализираат професорите Страшо Темков од ФМУ во Скопје, кој е и раководител на фестивалот, Миомир Симоновиќ од ФМУ во Белград, Георги Спасов од ФМУ во Софија и Соња Милетиќ од ФМУ во Бања Лука. Програмата опфаќаше едукативни активности, индивидуална работа и концертни настапи, а ќе биде заокружена денеска, на 29 август, со завршен концерт, на кој младите учесници ќе се претстават пред публиката со дела од домашни и од светски композитори.
Меѓународниот флејтистички концертен подиум и годинава претставува можност за музичка едукација, размена на искуства и професионално усовршување на младите флејтисти од регионот.
Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура и туризам и од Општина Кавадарци.