Почна Октоберфест. Во Минхен повторно одекна баварскиот извик „O’zapft is“, што на стандарден германски значи дека е отворено првото буре пиво, пишува „Дојче веле“.
„O’zapft is“ е задача што лично ја извршува градоначалникот на Минхен и со тоа секоја година официјално започнува Октоберфестот, кој овојпат ќе трае до 4 октомври. Се смета за најголемата народна прослава во светот.
Проширен безбедносен концепт
Просторот на фестивалот е огромен: Октоберфестот на ливадата Терезиенвизе се протега на импресивни 34,5 хектари, што одговара на површина од околу 48 фудбалски игралишта. Но интересот на посетителите е особено голем за време на викендите, понекогаш и преголем. Минатата година влезовите привремено мораа да бидат затворени.
Причината е тоа што во речиси сите 38 фестивалски шатори гостите се распоредени во две до три резервирани смени. При смената на гостите на масите во 14-те големи шатори, кои примаат по неколку илјади луѓе, истовремено се движи голем број посетители кои сакаат да влезат или да излезат. Минатата година, во попладневните часови на втората сабота од Октоберфестот, „сообраќајот“ на посетители накратко целосно запрел. Не можело да се оди ниту напред ниту назад. Гужвата кај некои од посетителите предизвикала паника.
За вакво нешто да не се повтори во иднина, Градот Минхен за оваа година го преработи својот безбедносен концепт. Дополнителни 26 нови камери, покрај 56-те полициски камери, го надгледуваат просторот на фестивалот, а вештачката интелигенција го анализира движењето на посетителите и испраќа предупредување кога гужвата ќе стане преголема.
Новоформираниот координативен центар треба да обезбеди проток на информации меѓу вклучените безбедносни служби и организаторите на манифестацијата. Организаторите и полицијата се подготвиле и за заштита од дронови над фестивалскиот простор, но деталите не се објавени. На теренот се ангажирани и 600 полициски службеници.
Октоберфест: познат во целиот свет, но најомилен во регионот
Октоберфест е познат низ целиот свет и се смета за меѓународен туристички магнет. Но од каде точно доаѓаат посетителите? Градот Минхен минатата година спровел истражување за ова прашање. Резултатите покажуваат дека „Визн“ (како што Баварците го нарекуваат Октоберфестот) и понатаму има претежно регионален карактер: 41 отсто од посетителите во 2025 година дошле од Минхен, една четвртина од околината на градот, а девет отсто од останатиот дел на Баварија.
Умерен раст на цените на пивото
Консумирањето канабис е забрането на целиот фестивалски простор, но алкохол секој може да пие колку што сака и колку што може да си дозволи. Кригла пиво од еден литар годинава чини меѓу 14,80 и 15,90 евра, што претставува само мало поскапување во однос на минатата година.
Литар обична вода чини високи 11 евра, но на фестивалскиот простор се поставени и неколку пунктови со бесплатна вода за пиење.
Посовоздржани би требало да бидат оние кои сакаат да ги користат бројните забавни атракции. Цените на возењата се движат од нешто помалку од пет, па сè до 14 евра. Германската култура на саемските забавувачи на народните манифестации во 2026 година официјално е ставена на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, а оваа традиција се негува и на 191-то издание на Октоберфестот: според организаторите, околу 90 отсто од повеќе од 130 забавувачки занаети влечат корени од 19 век.
На многу места и понатаму се практикува многу традиционален начин на плаќање: бројни угостители сè уште прифаќаат исклучиво готовина. Оние кои не се подготвени за тоа, можат на лице место да подигнат пари од банкомат.