Темата на овогодишната Генерална дебата е „Враќање на довербата, управување со промените: Обединетите нации кои даваат резултати за сите“.
Дебатата ја отвора и прв ќе им се обрати на учесниците, претседателот на Генералното собрание на ОН, Халилур Рахман од Бангладеш, откако претходно генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ќе го претстави својот извештај за работата.
Прв на листата на говорници традиционално е претседателот на Бразил, а втор е претседателот на САД, како земја домаќин. Редоследот за останатите држави се утврдува според нивото на застапеност и други критериуми, вклучително и географскиот распоред, наведено е на интернет страницата на ОН.
По Луис Инасио Лула да Силва и Доналд Трамп, оваа година ќе говори кралот на Јордан, Абдула II бин Ал Хусеин, а потоа претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
На првиот ден од генералната дебата ќе зборуваат и претставници на Франција, Финска и Луксембург, а меѓу попладневните говорници се претседавачот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, и премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ.
Учесниците во дебатата се замолени да не зборуваат подолго од 15 минути. Како едно од најдолгите обраќања ќе остане запаметен говорот на кубанскиот лидер Фидел Кастро, кој во 1960 година зборувал четири и пол часа.
Либискиот лидер Моамер Гадафи во 2009 година зборувал околу час и половина.
Генералната дебата ќе заврши во понеделник, 28 септември.