Јаневска: Нема пријави за корупција во образованието, институциите ќе постапат според закон

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Во моментов нема конкретни пријави за корупција во образованието, но доколку бидат поднесени, надлежните институции ќе постапат согласно закон. Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, пред почетокот на Националниот форум „Млади за интегритет – од гласот на младите до институционални промени“, што денеска се одржува во Скопје.

Јаневска нагласи дека училиштата не се само места каде што учениците стекнуваат знаења и вештини, туку и средини во кои се развиваат личниот интегритет и системот на вредности.

Таа посочи дека темите за борбата против корупцијата се обработуваат преку граѓанското образование, но и во други наставни предмети. Сепак, според неа, дополнителните проекти имаат значајна улога во подигањето на свеста кај младите и во поттикнувањето одговорно однесување.

Осврнувајќи се на оценувањето во училиштата, министерката истакна дека учениците треба да научат дека оценките мора да го одразуваат нивното реално знаење и дека е важно да ја прифатат одговорноста за своите постапки.

„Кај нас бројни ученици имаат петки, а не се еквивалент на нивното знаење“, посочи Јаневска, додавајќи дека младите треба да разберат дека грешките не се страшни доколку од нив се учи и се прифаќа одговорноста.

Таа потсети дека во минатото имало случаи на пријавена корупција во високото образование, при што дел од професорите за кои било докажано такво однесување ги сносиле законските последици.

Иако во јавноста се зборува за можни неправилности, Јаневска рече дека во моментов нема конкретни пријави врз основа на кои би можело да се постапува.

Министерката додаде дека Државниот просветен инспекторат постапува и по анонимни пријави кога постојат сомневања за неправилности во работењето на училиштата.

Националниот форум е организиран со поддршка на германската Влада и германската Амбасада во земјава, а неговата цел е да ја поттикне улогата на младите во борбата против корупцијата и во создавањето поодговорни институции.

Најнови вести