Според Бил Гејтс

Ова се четирите професии „отпорни“ на вештачката интелигенција

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Соосновачот на „Мајкрософт“ (Microsoft), Бил Гејтс верува дека, во иднина, вештачката интелигенција ќе може да извршува голем дел од работните задачи што денес ги извршуваат луѓето. Сепак, според неговата проценка, постојат четири области во коишто луѓето би можеле да останат незаменливи уште долго време. Тоа се: програмирањето, биологијата, енергетиката и професионалниот спорт, пренесува „Ситимагазин“ (Citymagazin).

Гејтс во неколку наврати говорел за тоа како развојот на ВИ ќе го преобрази пазарот на трудот. Меѓу областите што ги издвојува во своите предвидувања се програмирањето, биологијата и енергетиката, додека професионалниот спорт го наведува како пример за активност во којашто луѓето сепак ќе претпочитаат да гледаат други луѓе, а не машини. За време на гостувањето во „Вечерашната емисија на Џими Фалон“ (The Tonight Show Starring Jimmy Fallon), милијардерот појасни дека, иако компјутерите ќе можат да извршуваат сè поголем број задачи, тоа не значи дека ќе сакаме сè да им препуштиме ним.

– Земете го бејзболот, на пример. Не би сакале да гледаме како компјутери играат бејзбол, рече Гејтс.

На прашањето дали во иднина воопшто ќе ни бидат потребни луѓе, тој одговори дека за повеќето работни места, тие веројатно нема да бидат неопходни.

– За повеќето работи – не. Ние ќе одлучиме што сакаме да задржиме за себе, но производството, превозот и производството на храна со текот на времето повеќе нема да претставуваат големи предизвици, објасни тој.

Дискусијата за иднината на човековата работа повторно се актуелизираше по веста дека „Мајкрософт“ планира да понуди пакети за доброволно заминување од работа на околу 60.000 вработени. Програмата е дел од напорите на компанијата да ја зголеми оперативната делотворност – област во којашто ВИ игра сè позначајна улога.

– Ова е доброволна програма со ограничено времетраење, која им овозможува на вработените што ги исполнуваат условите да го напуштат „Мајкрософт“, добивајќи финансиска поддршка и помош при планирањето на нивниот иден кариерен развој, изјави Ејми Колман, раководител на секторот за човечки ресурси во компанијата.

„Мајкрософт“ вработува повеќе од 220.000 луѓе ширум светот, а понудата би можела да опфати повеќе од една четвртина од работната сила. Според интерна белешка, за којашто извести „Бизнис инсајдер“ (Business Insider), програмата е наменета за вработени на одредени нивоа во Канада, Индија, Обединетото Кралство и САД.

Најнови вести