Владата го усвои Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, со кој се воведуваат повеќе решенија насочени кон модернизација на системот, зголемување на транспарентноста, подобрување на конкуренцијата и поефикасно трошење на јавните средства.
Измените меѓудругото се и еден од реформските приоритети утврдени во Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.
Предвидено е дополнително унапредување на Електронскиот пазар на набавки од мала вредност, со цел зголемување на неговата употреба и поголема конкуренција меѓу економските оператори.
Дополнително, се воведува задолжителна примена на критериумот „најдобар сооднос помеѓу цена и квалитет” при изборот на најповолна понуда, што претставува една од клучните активности од Реформската агенда за 2027 година.
Со ова се создаваат услови институциите да не ја избираат автоматски најниската цена, туку да ја оценуваат и вредноста, квалитетот и долгорочната оправданост на понудите. Предложените измени предвидуваат и значително зајакнување на дигитализацијата на јавните набавки.
Во предлогот, се прошируваат надлежностите на Бирото за јавни набавки во делот на користењето современи дигитални алатки и решенија, со цел поефикасно следење на постапките, препознавање ризици и спречување на можни злоупотреби и коруптивни практики.
Акцентот е ставен и на професионализацијата на кадарот кој работи во областа на јавните набавки.
Предложените законски решенија претставуваат дел од пошироките напори на Министерството за финансии за создавање модерен, транспарентен и ефикасен систем на јавни набавки, усогласен со европските стандарди и реформските приоритети на државата.