Европската комисија ќе предложи нов заем од 45 милијарди евра за помош на Украина, кој би бил обезбеден со гаранции од заедничкиот буџет на Европската Унија. Предлогот доаѓа во време кога Киев се подготвува за најтешката зима од почетокот на руската инвазија.
Во среда се очекува Комисијата да им презентира на земјите членки предлог за задолжување од буџетот на ЕУ. Моделот на финансирање би бил ист како оној што се користел за постојниот заем за Киев од 90 милијарди евра. Парите би биле наменети за потребите на Украина во текот на оваа и следната година. Во претходниот заем од 90 милијарди евра, три земји – Чешка, Словачка и Унгарија беа ослободени од плаќање каматни трошоци.
Новиот заем од 45 милијарди евра бара согласност од сите 27 земји членки. Сепак, Чешка, Словачка и Унгарија, на кои им се придружи и Бугарија, веќе објавија дека немаат намера да учествуваат во идното финансирање на Украина.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц се закани дека ќе го блокира договорот за буџетот на Унијата за периодот од 2028 до 2034 година. Мерц ја условува својата согласност со учеството на сите членки во финансирањето на Украина следната година и во иднина.
Лидерите на ЕУ ќе разговараат за буџетот на ЕУ и помошта за Украина на состанок во Брисел на 26 и 27 ноември, со цел да се постигне договор до крајот на годината.