Опасниот смог над Лахор во Пакистан, го направи градот со најзагаден воздух на планетата, објави ДПА, повикувајќи се на податоци од швајцарската технолошка компанија IQAir, една од најголемите платформи за следење на квалитетот на воздухот во светот.
Пријавената концентрација на загадувачи во воздухот во Лахор е 289 поени според американскиот индекс за квалитет на воздух што го користи IQAir. Градот во источниот Пакистан, кој се граничи со Индија, го имаше најзагадениот воздух во светот во последните недели, откако густ и опасен смог покри делови од централната покраина Пенџаб.
Автопатите што ги поврзуваат големите градови беа затворени за сообраќај од страна на властите поради слаба видливост. Покрај изречените мерки, се изрекуваат казни за возилата што ја загадуваат животната средина, забележа ДПА.
Пакистанските власти ги обвинуваат емисиите од фабриките, чадот од печки за тули и возилата, како и согорувањето на земјоделски и домашен отпад за загадувањето на воздухот и смогот во Лахор.
Пакистан е одговорен за помалку од еден процент од глобалните емисии на јаглерод, но е меѓу десетте земји најранливи на климатските промени, потсетува ДПА.