Седницата за пратенички прашања која требаше да се одржи претходната недела поради долгите паузи веќе ја закажавме на 18 ноември, рече собранискиот спикер Гаши на брифингот со новинарите.
Објасни дека причините поради кои седницата не се одржала беа различните читања во деловникот за паузите кои се користат, но денеска на координација било разговарано за тоа и во среда тоа нема да биде случај.
-Јасно е дека тие седници траат околу два часа. Министрите однапред си го планираат времето и не гледам ништо спорно доколку излезат на пауза доколку тековното прашање кое се поставува не е наменето за нив. Досегашната пракса покажала дека кога пратеник поставува прашање министерот е секогаш на седница освен ако оправдано не го образложил своето отсуство, изјави Гаши.
Во врска со продолжението на надзорната расправа за Алта банка, Гаши посочи дека тоа не зависи од него. И дека за тоа одлучува претседателката на комисијата Лукаревска, иако како што рече претпоставува дека комисијата сега е фокусирана на буџетот. За сега официјални најави се уште нема.
Претседателот на Собранието очекува да се откочи работата на Анкетната за Кочани откако пред десетина дена родителите на загинатите испратија допис до Собранието каде предложија заклучоците до претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните, иако засега сѐ уште нема конкретен одговор од ниту една политичка партија за тоа дали десетте предлог заклучоци се прифатливи.