Над 400 амандмани за Буџетот за 2027: Власта го брани, опозицијата го оспорува

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Вчера Комисија за финансирање и буџет го заврши општиот претрес по предлог-буџетот за 2027 година во второ читање.

Седницата на Комисијата по предлог-буџетот е закажана денес во 11:30 часот со претрес по амандманите.

За предложениот ребаланс на буџетот поднесени се над 400 амандмани од овластени предлагачи.

Пратениците од власта истакнаа дека предлог-буџетот за 2027 година претставува рамка за одговорно управување со јавните финансии, зачувување на макроекономската и финансиската стабилност, навремено исполнување на обврските кон граѓаните и реализација на развојните програми на државата.

Оценија дека станува збор за развоен буџет насочен кон економски раст, капитални инвестиции и подобрување на животниот стандард, а пак, опозициските пратеници оценија дека проекциите на Владата не ја отсликуваат реалната економска состојба и дека зголемените дефицити и задолжувања го доведуваат во прашање развојниот карактер на буџетот.

Според нив, капиталните расходи не се доволни, а најавените инвестиции и проекти не се поткрепени со соодветни средства во буџетските ставки.

Пратеникот на СДСМ Оливер Спасовски оцени дека Владата создава „убава приказна за развој“, но оти бројките не ја потврдуваат таквата слика.

– Вие имате буџет за 2027 година со убава приказна за развој, но фактичката состојба е една сериозна стагнација – рече Спасовски, посочувајќи дека расходите растат побрзо од приходите, а дефицитот се покрива со ново задолжување.

Тој нагласи дека планираните капитални расходи остануваат ниски во однос на останатите буџетски трошоци, оцени дека „немаме развоен буџет“ и додаде дека намалувањето на средствата во одделни ресори, меѓу кои и земјоделството, не се во согласност со владините политики за поддршка на граѓаните.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов упати критики до претходната влада, посочувајќи дека во периодот кога таа ја водела државата економскиот раст изнесувал само 1,1 проценти, наспроти денешниот просек од 3,7 проценти и растот од 4,2 проценти во вториот квартал, и истакна дека ваквите резултати ја покажуваат разликата во економските политики.

– Главната бројка од којашто тргнува секој буџет е економскиот раст, просекот на економски раст, додека вие бевте министер, премиер во владите, беше 1,1 процент. Денес просекот е 3,7, а во вториот квартал од оваа година имавме 4,2. Оние јадни 1,1 се повеќе од 4,2 и четири пати помалку. Честопати се подигрувате со третата економија, точно е тоа дека македонската економија расте побрзо од еврозоната и тоа е нормално бидејќи сме мала држава, но ние бевме мала држава кога беше Оливер премиер и министер на таа влада кога бевме мала држава ама со 1 процент растевме, бевме под еврозоната, бевме стота економија и тоа е многу манипулативно – рече Пренџов.

Партијата Левица поднесе 80 амандмани.

Најнови вести