Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави снимка од украинскиот напад врз руски воен брод во Либија.
Тој го опиша нападот како „примерна украинска операција“ и изјави дека биле употребени седум поморски дронови.
Зеленски рече дека бродот, наречен „Меркур“, е еден од најновите руски воени бродови и дека бил пуштен во употреба во 2023 година.
„Примерна украинска операција како одговор на руската војна. Им благодарам на борците на Службата за безбедност на Украина и на сите припадници на нашите одбранбени сили кои учествуваа во извршувањето на овие задачи.
Вчера и денес добив детални извештаи за текот на операцијата – целите што ги поставивме се постигнати. Сè се одвиваше во близина на брегот на Либија.
Нашите борци употребија седум поморски дронови од украинско производство. И покрај сите напори на непријателот да го одбие нападот, руската корвета „Меркур“ беше потопена.
Тоа е еден од нивните најнови бродови, пуштен во употреба во 2023 година, за време на војната од големи размери. Заедно со корветата беше уништен и борбен хеликоптер Ка-27.
Нашата втора цел беше рускиот товарен брод „MV ANGARA“, кој непријателот го користеше за транспорт на оружје. Резултатот – целта е погодена.
Продолжуваме со нашите операции во одредени води. Одговараме на руската агресија. Развиваме украинско оружје. Слава на Украина!“, напиша Зеленски.
Според информациите, бродот запрел во Бенгази за да се снабди со гориво и резерви на патот кон Русија, а неговата вредност се проценува на околу 150 милиони евра.
Според прелиминарните резултати од истрагата, експлозијата се случила вчера рано наутро во поморската база во Бенгази.
„Скај њуз Арабија“ наведува дека, според нејзините информации, нападот бил изведен од воена база во западна Либија, со која управуваат украински сили.