Специјалниот известувач на Обединетите нации за човековите права на окупираните палестински територии, Франческа Албанезе, оцени дека во Газа не може да се зборува за вистинско примирје, бидејќи израелските напади и страдањето на Палестинците продолжуваат и по
договорот за прекин на огнот.
Италијанската правничка викендов од меѓународната конференција „Европа за Палестина – кон правда и одговорност”, одржана во Мадрид истакна дека од стапувањето на сила на договорот за примирје, на 10 октомври 2025 година, во израелските напади биле убиени повеќе од 1.600 Палестинци.
Според Франческа Албанезе, Израел продолжува да го уништува она што веќе е разурнато во Појасот Газа, а насилството продолжува и на другите окупирани палестински територии. Албанезе предупреди и на влошувањето на безбедносната ситуација на окупираниот Западен Брег, каде што Обединетите нации во октомври регистрирале 457 напади од израелски доселеници врз Палестинци и нивниот имот.
Специјалниот известувач за Газа упати критики до европските влади за недоволното политичко дејствување, посочувајќи ја одговорноста на државите што му испорачуваат оружје на Израел и на други начини ја поддржуваат неговата политика. Шпанија ја пофали за ставот на владата и граѓаните, оценувајќи дека земјата покажала политичко лидерство во Европа во однос на палестинското прашање.
Податоците на Обединетите нации наведени во извештајот нотираат дека израелската воена офанзива во Газа однела повеќе од 74.700 жртви, а 82 процента од објектите во енклавата се оштетени или уништени.