Од јули 2027 година, во сите земји членки на Европската унија ќе важи единствено ограничување за готовински плаќања на стоки и услуги, со максимален износ од 10.000 евра. Со овие мерки ЕУ настојува да ја зголеми транспарентноста на финансиските трансакции и да го отежне прикривањето на незаконски стекнати пари.
Предвидени се и построги проверки на идентитетот при одредени трансакции, вклучително и повремени готовински плаќања од најмалку 3.000 евра кај субјектите опфатени со регулативата.
Согласно со Регулативата, трговците и давателите на услуги во блокот не смеат да примаат или да вршат готовински плаќања над утврдениот праг. За износи повисоки од 10.000 евра, разликата ќе мора да се плати преку банка, картичка или друг безготовински трансфер.
Сепак, ограничувањето нема да важи за приватни купопродажби меѓу две физички лица кои не дејствуваат во рамките на својата деловна или професионална дејност. Тоа значи дека граѓанин ќе може да продаде свој половен автомобил на друго физичко лице и да прими повеќе од 10.000 евра во готовина.