Маскирани натрапници влегле во селската резиденција на принцот Вилијам и принцезата Кејт на имотот Сандрингам, додека семејството било во Виндзор. Полицијата уапсила двајца осомничени, а истрагата за сериозниот безбедносен пропуст е во тек.
Двајца мажи се уапсени поради сомнение за провала и незаконско влегување на имотот на британското кралско семејство, каде што се наоѓа селската резиденција на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон.
Според соопштението на полицијата во Норфолк, во понеделникот (23.11), нешто пред 18 часот, службите добиле пријава за сомнителна активност на имотот. На местото биле испратени полициски службеници, кучиња трагачи, дронови и хеликоптер на Националната полициска воздухопловна служба, кои учествувале во пребарувањето на околината.
Двајцата мажи биле уапсени на имотот и останале во полициски притвор. Истрагата продолжува, а засега не е објавено дали нешто било украдено или оштетено.
Станува збор за резиденцијата Анмер Хол, куќа со десет спални соби на имотот Сандрингам во Норфолк, источна Англија. Куќата ѝ била подарена на двојката од покојната кралица Елизабета Втора по нивната венчавка во 2011 година. Вилијам и Кејт ја користат за одмори и викенди, додека нивниот главен дом е Форест Лоџ во Виндзор.
Во моментот на упадот, принцот, принцезата и нивните три деца – Џорџ, Шарлот и Луис – не биле во резиденцијата. Според медиумските извештаи, семејството било во својот дом во Виндзор.
Кенсингтонската палата не сакаше да коментира за случајот, наведувајќи дека не зборува за безбедносни прашања. Инцидентот повторно ги отвори прашањата за заштитата на кралското семејство, особено по претходните упади на кралските имоти.
Во октомври 2024 година, двајца маскирани мажи упаднаа на имотот на замокот Виндзор, каде што се наоѓа и поранешниот дом на Вилијам и Кејт, Адлејд Котиџ. Тогаш биле украдени две возила, додека семејството спиело во близина.
Истрагата за најновиот случај е во тек, а засега нема официјални информации за мотивот на осомничените или за тоа како успеале да влезат на имотот.