Министерски состанок

Грчкиот министер Герапетритис ја пофали Македонија за спроведените реформи

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис ја пофали Северна Македонија за дел од реформите, на денешниот министерски состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“ што се одржа во Атина.

Од македонска страна на состанокот присуствуваше министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Во освртот кон земјите од регионот, Герапетритис упати честитки до Муцунски за реформите што земјава ги исполнила во одредени области.

„Северна Македонија веќе постигна значителен напредок во повеќе области, особено во дигиталната трансформација, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика, како и во аспектите на реформата на јавната администрација“, кажа Герапетритис.

Муцунски кажа дека групата земји „Пријатели на Западен Балкан“ навистина се пријатели на регионот и „принципиелни поддржувачи на проширувањето“, но и земји кои во однос на ситуацијата на Македонија сметаат дека „на билатерализацијата треба да ѝ се стави крај“.

„Ме радува што министерот Герапетритис јавно го кажа тоа што и ние како Влада го кажуваме, дека ние имаме сериозен напредок на патот кон полноправното членство во Европската Унија. Нормално е кога имате билатерални средби да зборувате за тоа што е позитивно и за предизвици коишто ги има во билатералните односи и да, зборувавме за тие предизвици, како да наоѓаме решенија за нив во добра верба имајќи предвид дека имаме многу повеќе што може да нè обедини, отколку она што може да нè подели“. изјави Муцунски за МИА.

Герапетритис се осврна и на резултатите на останатите држави од регионот. Црна Гора ја оцени како успешен пример на европската политика на проширување, за Албанија рече дека за една година отворила неколку преговарачки поглавја и веќе затворила четири, а Србија кажа дека усвоила реформски мерки во делот на валдеењето на правото, борбата против корупцијата и изборната рамка. Забелешката за Босна и Херцеговина и Косово беше дека презела чекори во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека на средбата бил отворен и актуелниот проблем со кој се соочуваат македонските професионални возачи и транспортери при влезот и престојот во Шенген-зоната. Двајцата министри ја потврдиле и определбата односите меѓу Скопје и Атина да продолжат да се градат врз основа на меѓународното јавно право, добрососедството и сојузништвото во НАТО.

„Пријатели на Западен Балкан“ е неформална група од седум земји членки на Европската Унија кои се залагаат за забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан. Во неа се Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и Словенија.

Најнови вести