На социјалните мрежи градскиот татко информира дека ова е најголемата набавка од ваков тип во изминатите години, со која темелно ќе се унапреди системот за собирање отпад во главниот град.
„Новите контејнери значат почисти населби, помалку отпад на улиците, навремено празнење и подобри услови за работа на екипите на ЈП „Комунална хигиена“. Само за споредба, во изминатите 12 години биле набавени околу 1.300 контејнери – бројка недоволна за потребите на цело Скопје. Последиците од таквата негрижа сите ги гледавме – преполни и оштетени контејнери, отпад околу нив и нарушена слика на градот.
Но, ние ја менуваме таа реалност!“, пишува градоначалникот на Скопје на социјалните мрежи.
Нагласува дека контејнерите што претходно се набавувале биле по цена од повеќе од 18.000 денари по парче, а денес градот ги набавува за 9.600 денари, речиси двојно поевтино, и тоа во услови на глобално зголемени цени.
„Ова е доказ дека кога се работи чесно, домаќински и одговорно, може да се направи многу повеќе со парите на граѓаните. По новите возила за ЈП „Комунална хигиена“, пристигнуваат и 3.300 нови контејнери. Чекор по чекор, создаваме функционален систем и ставаме крај на хаосот со отпадот.“ потенцира Ѓоргиевски.
Претходно беа набавени нови 49 комунални возила, од кои 27 наменети за скопските општини.