Шефовите на дипломатиите на Македонија и Бугарија денеска на средба во Софија на маргините на Самитот посветен на Коридорот 8. Засега не се открива во кој формат ќе се одржи состанокот, но очекувањата од средбата Муцунски-Петрова се големи.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата останува на ставот дека дијалогот е единствениот пат за надминување на актуелната состојба.
„Само со дијалог можеме да дојдеме до решение од оваа состојба“, рече Мицкоски, додавајќи дека државата е „за добрососедски односи“ и дека сака „што побргу да ја реализира нашата стратешка цел да бидеме дел од Европската Унија, нешто што многу одамна го заслужуваме“, порача шефот на Владата.
Од опозицискиот СДСМ немаат поголеми очекувања и за нив како што велат е нејасно зошто Премиерот инсистирал да се разговара со Бугарија за преговарачката рамка и процесот да се билатерализира, кога според социјалдемократите тоа било потврдено и од Урсула фон дер Лајен.
Состанокот меѓу Министрите за надворешни работи е на иницијатива на Претседателката на Европската комисија.