Меѓународниот театарски фестивал „Скупифестивал“ од вечерва ќе го одбележува својот 20-ти јубилеј. Осум претстави од регионот и Европа до 17 октомври ќе бидат изведени на сцената на Албански театар – Скопје.
Јубилејот ќе биде отворен со премиерата на претставата Unrecognized, по текст на Давит Габунија и Јетон Незирај, во режија на Дата Тавадзе.
Продукцијата е соработка меѓу повеќе институции, меѓу кои Qendra Multimedia, Приштина; Кралскиот театар Тбилиси, Грузија; ÖrnProduction, Стокхолм; Kyiv Academic Theatre on Pechersk, Киев; Албанскиот театар, Скопје; Градскиот театар Малме; Кралскиот драмски театар, Стокхолм; и Градскиот театар Гетеборг.
Играат: Елен Јелинек, Катерина Кистен, Като Калатозишвили, Марија Саломаа, Јоханес Ванселов, Шкљќим Ислами.
Во рамките на јубилејното издание на фестивалот ќе гостуваат продукции од: Косово, Албанија, Полска, Молдавија, Турција, Бугарија и Србија, како и меѓународни копродукции од Шведска, Украина и Финска Грузија и др.
Станува збор за претстави со различни сценски јазици и естетики кои обработуваат човечки, општествени и универзални теми.
Членови на жирито се: Мерита Чочоли, Весна Куслеска и Аниса Исмаили, кои ќе одлучуваат за трите фестивалски награди – најдобра претстава, специјалната награда „Луран Ахмети“, која го носи името на познатиот албански актер и претставува омаж за неговиот придонес кон театарската и културната сцена.На 12 октомври на програмата ќе биде „Хамлет“, во режија на Јонида Беќо, во продукција на театар „Метропол“, Тирана.
На 13 октомври ќе следува „The Sexoholic“ од Полска, чиј автор и режисер е Грегор Кемпински. На 14 октомври ќе гостува Националниот театар на Косово со „Гнасотија“, по текст и во режија на Астрит Кабаши.
На 15 октомври ќе гостува театарот „Алексеј Матеевич“ од Молдавија, со претставата „Работите што не се кажуваат“ на авторката Марија Иванов и режија на Ана Батевa. Истиот ден ќе биде изведена и претставата „Мухамед Али“ по текст и режија на Тургај Коркмаз.
Од Бугарија на 16 октомври ќе гостува „Националниот театар „Иван Вазов“ од Софија, со претставата „Богот на масакрот“.
На затворањето на 17 октомври ќе ја видиме „Тие повеќе не се тука“, по текст на Дорунтина Баша и во режија на Андреј Носов.
На сцената настапуваат Мирјана Карановиќ, Светозар Цветковиќ и Албан Укај.
Продукцијата е соработка на „Хартефајт“, Белград; САРТР, Сараево; и My Balkans, Србија и САД.
Во текот на две децении, Скупфестивал создаде простор за средби на уметници, театри и публика од различни земји, претворајќи го Скопје во значајна точка на средба на регионалната и меѓународната театарска сцена.
На фестивалот настапувале големи театарски институции, како и познати европски и светски имиња од областа на актерството и режијата, како и од други области кои соработуваат со театарската уметност.
Богатството на ова издание се огледа токму во разновидноста на продукциите и соработките, носејќи во една програма различни уметнички пристапи и разновидни театарски искуства.
20. издание се реализира со поддршка на Министерството за култура, Ује Тепелена, Anda’s Kitchen и медиа партнери, дневниот весник КОХА, Телевизија Алсат-М и Македонската радио-телевизија.