Генералната асемблеја на „Еуродрам”
синоќа беше отворена во Театар Комедија. Во Скопје се обединуваат над 60 драмски автори, режисери, продуценти, а до први ноември имаат можност за нови соработки.
На настанот учествуваат 60 гости од 28 земји, меѓу кои драмски автори, режисери, преведувачи, драматурзи и издавачи.
Во знакот на 25-годишниот јубилеј на мрежата, промовиран каталог на македонски драми и врачена плакета на основачот Доминик Долмие.
Драматургот Дарко Јан Спасов го претстави новото издание „Каталог на македонски драми во избор на Еуродрам, 2001-2026″ од Иван Додовски, објавено од Театар Комедија со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Каталогот содржи хронолошки преглед на 32 избори, со 30 различни драми од 18 македонски автори, како и посебен дел со биографии на 15 автори и подетални претставувања на 26 драми. Изданието на англиски јазик вклучува содржини и информации за премиери, преводи и авторски права.
На отворањето беше посочено и
изданието „Библиографија на драмски текстови од македонски автори преведени на странски јазици”, подготвено од Шенај Мандак.
Седмицата на „Еуродрам“ и Генералната асемблеја се реализираат со поддршка на Министерството за култура и туризам на
Македонија, Гете-институт – Скопје, ДААД -Германската служба за академска размена -Скопје, Канцеларијата на „Креативна Европа МК” и Европска куќа – Скопје, како и со придонесот на спонзорите и партнерите. Домаќини на асемблејата се Театар Комедија и Македонскиот комитет на „Еуродрам”.
По основањето во Париз во 2001 година „Еуродрам” прерасна во платформа која се протега низ Европа, Централна Азија и Медитеранот и денес спојува над 300 театарски професионалци од 34 јазични
подрачја.