честитка

Социјалистичка партија на Македонија: Историјата мора да се памети и почитува

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

На македонскиот народ и на сите сограѓани им ја честитам 85-годишнината од 11 Октомври – Денот на народното востание, се вели во честитката на Љупчо Димовски, претседател на Социјалистичката партија на Македонија, која РЕПЕР ја пренесува интегрално.

-Овој ден е симбол на непокорот – денот кога македонскиот народ се крена против фашистичкиот и нацистичкиот окупатор, продолжувајќи ја вековната борба за слобода, достоинство и сопствена државност.

Годините на Народноослободителната војна беа тешки и пресудни. Илјадници борци, партизани и родољуби поднесоа огромни жртви и со својата храброст го трасираа патот кон слободата.

11 Октомври не е само датум, туку симбол на македонскиот непокор и основата на нашата државност.

Од таа борба произлезе АСНОМ – историскиот чин со кој беа поставени темелите на современата македонска држава.

Историјата мора да се памети и почитува. Таа сведочи за борбата за македонскиот идентитет, јазик, култура и државност и одбраната од свирепиот бугарски фашистички окупатор. Нејзината вистина не смее да се менува со политички договори, да се брише со декларации или да се предава со молчење.

Илинден 1903 е востанието, 11 Октомври 1941 е народната борба, АСНОМ е државноста, а 8 Септември 1991 е независноста.

Четири историски пресвртници, а една непрекината борба – македонскиот пат кон слободата, сувереноста и самобитноста.

На овој празник им оддаваме длабока почит на сите борци, партизани и родољуби кои се бореа против фашизмот и за слободна Македонија, како и на сите генерации што ја градеа нашата татковина.

Нашата должност е да го чуваме наследеното, да го браниме достоинството на Македонија и одговорно да ја градиме нејзината иднина.

Зашто, кој ја почитува својата историја, го чува и своето право на иднина. Да ја чуваме Македонија, да ја почитуваме сопствената историја и да ги чуваме македонскиот идентитет, јазик и култура!

Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на народното востание!
Нека ни е вечна слободата!
Да живее Република Македонија!

Најнови вести