Две децении чекање и евроинтеграциски лавиринт за Македонија, вака „Еуроњуз Србија“ го опишува долгиот и неизвесен пат на земјава кон Европската Унија.
Во својата анализа, медиумот се осврнува на пречките кој стојат пред Македонија повеќе од 20 години, од спорот за името со Грција и Преспанскиот договор, до спорот со Бугарија, францускиот предлог и условот за уставни измени.
Посебен акцент е ставен на политичките промени во земјава, различните пристапи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како и на прашањето дали европскиот пат на Македонија има јасна крајна цел или постојано се претвора во подвижна мета со нови услови и барања.
Дали по две децении отстапки и компромиси, членството во ЕУ за Северна Македонија останува реална перспектива или сè понедостижна цел? Ова е една од клучните дилеми што ги отвора анализата на „Еуроњуз Србија“.
Во тој момент, Македонија, барем формално, беше речиси рамо до рамо со Хрватска на европскиот пат. Меѓутоа, Хрватска многу брзо напредуваше, најпрво со отворањето на пристапните преговори, а целиот процес го заврши во 2013 година, кога стана полноправна членка на ЕУ и засега последната земја што пристапила кон Унијата.
Со оглед на тоа што во меѓувреме Црна Гора и Албанија напредуваа повеќе од Македонија на патот кон европската интеграција, а поради новите геополитички околности постои можност тоа да го сторат и Украина и Молдавија, дел од политичарите и јавноста во Северна Македонија се прашуваат дали патот што официјално започна во далечната 2005 година навистина има јасно определена должина, макар бил и „пат од илјада милји“, или, пак, постојано се оддалечува како подвижна цел и хоризонт што непрекинато се поместува.
Единствената држава чиј формален пат кон ЕУ изгледа потрнлив од македонскиот е Турција, која поднесе барање за членство уште во далечната 1987 година, а статус на кандидат за членство доби во 1999 година.
Предизвикот на грчкото вето, кое претставуваше пречка за членството во НАТО, Македонија го надмина со промена на уставното име на државата во Северна Македонија. Билатералниот спор со Грција околу името беше решен со потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година, што подоцна наложи одржување референдум и спроведување уставни измени.
На референдумот одржан во септември 2018 година, кој се однесуваше на (не)прифаќањето на Преспанскиот договор, мнозинството од запишаните избирачи (над 73 проценти) не излегоа на гласање, додека од малцинството што излезе, мнозинството од оние што се изјаснија ги поддржаа промените.
Референдумот беше толкуван како консултативен, а не како задолжителен, па затоа не беше оценет како неуспешен, и покрај излезноста помала од 50 проценти. Набргу потоа, со двотретинско мнозинство во Собранието беа усвоени уставните измени, а прокламираната стратешка цел на земјата за членство во НАТО беше исполнета неколку години подоцна.
Сегашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ се противеше на уставните измени што подразбираа промена на уставното име на државата, а седум пратеници од партијата, кои постапија спротивно на партискиот став, беа исклучени од нејзините редови.
По враќањето на власт, оваа партија не ги поништи постигнатите договори, но во практиката во неколку наврати се случуваше нејзините лидери и највисоките државни функционери во комуникацијата да го користат името Македонија, наместо Северна Македонија, поради што грчката страна неколкупати упати протести.
Историски договори и нови услови на европскиот пат
Тогашниот македонски премиер Зоран Заев и тогашниот бугарски премиер Бојко Борисов во август 2017 година во Скопје го потпишаа македонско-бугарскиот Договор за пријателство, добрососедство и соработка.
Потпишувањето на овој договор медиумите и политичките аналитичари низ регионот го опишуваа како „историско“.
Прокламираната цел на овој документ беше да се остават настрана разликите, да се признае заедничката историја, но и правото на договорните страни да задржат различни ставови за одредени прашања, како и да се потврди бугарската поддршка за македонскиот пат кон ЕУ.
Иако се чинеше дека со овој договор се создава позитивен моментум во односите меѓу двете држави, особено во контекст на евроинтеграцискиот пат на Македонија, Бугарија во 2020 година стави вето на почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.
Се чинеше дека решението за овој спор е пронајдено во јули 2022 година, кога Бугарија го прифати таканаречениот француски предлог, кој предвидува обврски што Северна Македонија ги презеде во однос на бугарското малцинство, а кои се однесуваат и на неговото вклучување во преамбулата на Уставот.
Софија смета дека ова, всушност, се обврски и кон ЕУ, а не само кон Бугарија, па затоа денес, во споровите со Скопје, главно истакнува дека францускиот предлог претставува европска обврска на Северна Македонија и дека, во суштина, станува збор за консензуален предлог на целата ЕУ.
Скопје го прифати ревидираниот француски предлог, според кој уставните измени не се формален услов за започнување на преговорите, но се услов за отворање на преговарачките поглавја, со што тие де факто остануваат услов за напредокот на Скопје на европскиот пат.
Во меѓувреме, и во Северна Македонија и во Бугарија дојде до промена на власта. Иако во Бугарија во изминатите години власта се менуваше неколкупати, а во Северна Македонија, по Договорот за добрососедство со Бугарија, Преспанскиот договор со Грција и прифаќањето на францускиот предлог од 2022 година, само еднаш, клучната разлика е во тоа што во Бугарија, и покрај честите промени на власта, прашањето за односот кон Северна Македонија остана прашање на континуитет околу кое постои консензус.
Од друга страна, промената на власта во Северна Македонија во 2024 година претставуваше одраз на релативен дисконтинуитет во однос на овие прашања. Многу аналитичари тогашната убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ ја толкуваа токму низ призмата на негативниот однос на македонските гласачи кон болните отстапки што претходно македонската страна ги направи кон Бугарија и Грција, а кои сепак не донесоа поопиплив напредок во евроинтеграциите.
Иако ВМРО-ДПМНЕ формално не ја промени целта за решавање на билатералниот спор со Бугарија, а уште помалку целта за членство во ЕУ, реториката и гледиштата за редоследот на чекорите и начинот на решавање на ова прашање се променија во однос на постапувањето на претходната власт предводена од СДСМ, во чиј мандат беа постигнати договорите со Бугарија и Грција, како и прифаќањето на францускиот предлог.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои во 2022 година беа во опозиција, тогаш го отфрлија францускиот предлог, а своето противење го изразија со напуштање на собраниската сала, бидејќи не сакаа да ѝ дадат легитимитет на таквата одлука.
Денес, од позиција на власт, тие повремено ја обвинуваат претходната власт за, како што наведуваат, предавство на националните интереси, додека СДСМ периодично возвраќа со обвинувања дека актуелната власт наводно отстапила од европскиот пат на земјата.
Барања за гаранции и идентитетска црвена линија
Ставот на актуелниот премиер на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, е дека патот кон ЕУ треба да се темели на исполнување на европските стандарди и критериуми, а не на, како што смета македонската страна, злоупотреба на билатералните прашања и позицијата на земјите членки што имаат можност да стават вето во процесот на европската интеграција на земјите кандидатки.
Актуелната македонска власт, како што често истакнува, во принцип не го отфрла компромисот и решавањето на спорот со Бугарија, но во повеќе наврати го изрази ставот дека во билатералните односи и решавањето на малцинските прашања треба да важи начелото на реципроцитет. Исто така, нагласува дека не е подготвена да прави болни отстапки и компромиси во однос на националниот идентитет без писмени гаранции дека тоа навистина ќе доведе до напредок во евроинтеграциите и дека условот, како што е внесувањето на бугарското национално малцинство во македонскиот Устав, ќе биде последниот услов од ваков вид.
„Очекуваме евроинтеграциите да бидат процес заснован на заслуги и мерливи критериуми, а не процес во кој билатералните прашања можат постојано да ја поместуваат целта. Не бараме пониски стандарди. Бараме стандардите да останат стандарди. Тоа е подеднакво важно за кредибилитетот на Европа во време кога нејзината геополитичка тежина сè повеќе ќе зависи од нејзината способност своите обврски да ги претвори во конкретни политички резултати“, изјави македонскиот премиер Христијан Мицкоски на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН).
Аналитичарите ги споредуваат македонско-бугарскиот и хрватско-црногорскиот спор во контекст на билатералните спорови како пречка за евроинтеграциите. Стручната јавност смета дека во ваквите аналогии постојат и сличности и разлики.
Македонско-бугарскиот спор не се разгледува само како класичен билатерален спор, туку како спор што длабоко навлегува во историските и идентитетските несогласувања, при што Софија и Скопје имаат дијаметрално спротивни гледишта.
Ниту Скопје формално не се противи на решавањето на билатералниот спор со Софија како дел од својот евроинтеграциски пат. Сепак, како што истакнува македонската страна, тоа не смее да биде по цена на откажување од основните национални интереси и сопствениот идентитет, ниту без веродостојна и загарантирана европска перспектива во конкретна временска рамка.
Она на што Скопје особено инсистира е да нема нови услови и барања по евентуалното исполнување на сегашните.
Дали е можно да се приближат овие две значително оддалечени позиции, останува отворено прашање. Одговорот ќе покаже и дали неодамнешниот оптимизам на Урсула фон дер Лајен, изразен во Скопје, бил оправдан.
Воедно, ќе стане појасно дали европскиот пат на Северна Македонија, започнат во 2005 година и делумно придвижен во 2022 година, има јасно определена крајна цел или останува недостижен хоризонт.
Софија инсистира на, како што смета, „бугарските корени на Македонија“, притоа имајќи ги предвид историјата и историските личности од овој простор, како и јазикот. Од друга страна, Скопје го смета ова за неприфатлив напад врз сопствениот идентитет и за суштинско негирање на македонската нација, со што, како што отворено порачуваат од Скопје, не сакаат да се помират.
Дека овој спор, кој суштински ги држи евроинтеграциите на Северна Македонија во застој, можеби нема да биде толку лесно надминат, покажува и фактот што по Првата меѓувладина конференција, со која во 2022 година формално започнаа пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија, втората меѓувладина конференција сè уште не е одржана.
Во анализата Еуроњус вели дека иако во 2022 година Албанија и Северна Македонија заедно го започнаа евроинтеграцискиот процес, денес Албанија е значително понапред, додека македонските
пристапни преговори со ЕУ се практично блокирани.
Бугарија останува на ставот дека Северна Македонија мора да ги внесе Бугарите во Уставот, додека официјално Скопје бара цврсти гаранции дека тоа ќе биде последното билатерално барање од Софија.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека уставните измени се неопходни за продолжување на евроинтеграциите, додека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен повика на интензивен дијалог меѓу двете земји.
Сепак, позициите на Скопје и Софија остануваат значително оддалечени, а патот до компромис неизвесен. Бугарија, како членка на ЕУ, располага со право на вето, додека Северна Македонија и понатаму се соочува со услови и пречки на својот европски пат.
Два паралелни колосека на евроинтеграциите и неизвесна европска иднина
Евроинтеграциите отсекогаш се одвивале по два паралелни колосека – исполнување на европските стандарди и Копенхашките критериуми, од една страна, и решавање на билатералните спорови со земјите членки на ЕУ, од друга.
Дали македонско-бугарскиот спор ќе биде надминат или ќе остане еден од најсложените проблеми во регионот и Европа, останува неизвесно. Многу ќе зависи од политичката атмосфера во Брисел и подготвеноста на влијателните земји членки да ги поттикнат Скопје и Софија на компромис.
Истовремено, ЕУ се соочува со сопствени предизвици – потребата од внатрешни реформи и прашањето за понатамошното проширување. Внатрешните проблеми можат да го забават приемот на нови членки, додека геополитичките интереси можат да го забрзаат процесот.
Иако Софија формално не се противи на членството на Северна Македонија во ЕУ, таа инсистира Скопје да ги исполни обврските што бугарската страна ги смета за веќе договорени.
Така, европската иднина на Северна Македонија останува неизвесна, зависна не само од спроведувањето на реформите, туку и од решавањето на билатералните спорови и политичката волја во рамките на Европската Унија, стои во анализата на Еуроњус Србија.