Повеќе од четири месеци, албанските студенти се на нозе. Она што започна како мирен протест против изградбата на луксузен туристички комплекс, во изминатите три дена ексалираше. Насилни протести ширум Тирана. Беа запалени повеќе државни институции: Министерствата за образование, за Правда, а вчера гореше и зградата на Министерството за финансии, демолирани канти за отпадоци, киосци.

Полициските билтени бележат повредени на двете страни. Досега над 30 луѓе меѓу кои и полицајци биле хоспитализирани или побарале лекарска помош. Демонстрантите беа растерани со солзавци, додека од другата страна наидоа на отпор со молотови коктели.

Наградуваната новинарката Вјоса Черкини која известува од Косово, Албанија, Црна Гора и од целиот Балкан, обработувајќи теми од областа на општеството, економијата и политиката, за РЕПЕР со куса анализа на досегашната состојба.
Не очекува протестите да се смират, напротив, смета дека албанскиот народ нема да се откаже од борбата за своите права, студентите нема да се откажат од борбата против корупцијата, ниските примања, лошите услови за студирање. Не очекува да се откаже ниту премиерот Еди Рама, кој својот став неколку пати го повтори и ја обвини опозицијата дека има вмешано прсти во протестите.

Вјоса Черкини: Студентите протестираат против Владата. Изморени се од корупцијата и од целиот систем во Албанија. Протестираат веќе неколку месеци со цел да биде слушнат нивниот глас. Еди Рама ги игнорира и воопшто не ги сфати сериозно. Студентите велат дека кога протестирале мирно повторно не ги сфатил сериозно. Но сега тие сакаат да го дигнат гласот уште повеќе, за да бидат слушнати. Тие нема да престанат, тие уште повеќе сакаат да протестираат, се додека не бидат слушнати и разбрани и додека Еди Рама не си даде оставка. Тие сакаат да сменат се што досега се случуваше во Албанија и да донесат нова промена, тешко е да се каже што ќе се случува во иднина и каква ќе биде ситуацијата. Во Тирана не протестира опозицијата, туку младината која се бори против корупцијата и лошите услови. Последните големи протести во Албанија се случуваа во 1996, 1997 година, сега повторно Албанците се на нозе, нацијата се сплотува на улиците за да се слушне нивното мислење.


Во Албанија протестите почнаа поради план за изградба на луксузен туристички комплекс, со хотели, вили и апартмани, поврзан со Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп.
Владата го бранеше проектот како голема инвестиција што ќе отвори работни места и ќе го развие туризмот. Главното барање на демонстрантите беше, да се запре изградбата и да се заштити природното крајбрежје.


Протестите што почнаа во јуни 2026 година, во октомври прераснаа во пошироки антивладини демонстрации против премиерот Еди Рама, во кои се вклучија и студенти.