ПОЛИТИКА

Реакции на опозициските партии за бегството на Ива Михаjлова: Oставка и одговорност од Муцунски и Тошковски

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Не стивнуваат реакциите за бегството на Ива Михајлова од Македонија. Партиите со остра осуда но и барање за одговорност.

ЛДП:А да го укинеме судството, и онака не добива пари колку треба од Владата, а и министерствата не функционираат?

Либерално-демократската партија соопшти дека изразува длабока огорченост од секојдневните скандали кои ја потресуваат македонската јавност, а кои укажуваат на натамошно пропаѓање на државните институции и градење систем на неправда.

Случајот со Ива Михајлова велат, го апстрахираме од етничкиот предзнак и нема да им дадеме простор на тие зовриени национал-шовинистички глави во регионот да си прават етно-популистички кампањи на човечки трагедии. Пораките од Софија се скандалозни и грозни и говорат за земја во која постои целосно помрачување кога станува збор за владеење на правото, а уште помалку за европски систем на правда.

Михајлова сега треба да биде гонета за ново кривично дело, а скандалот да биде уште поголем, нејзиниот адвокат изврши кривични дела и пред бугарската и пред македонската правда со јавната изјава дека си ја „зеле судбината во свои раце“. Каква правна хаварија! Во овој случај, вистинска трагедија во Македонија е тоа што целосниот крах на функционирањето на институциите доведе до тоа лице, кое е осомничено за предизвикување смртни последици во сообраќајна несреќа, наместо да се соочи со правдата и да ги почитува судските забрани, добива статус на наводна жртва и шоу-ѕвезда, како од некое одвратно евтино реално шоу. Нема човек во Македонија кој не е згрозен од фактот што вакво нешто беше воопшто возможно, додаваат од ЛДП

СДСМ:НАРОДОТ ГЛЕДА ШТО МУЦУНСКИ ДОГОВОРИ ВО СОФИЈА

Според СДСМ народот гледа дека се работи под маса и „под радар“ и што договарал Тимчо Муцунски на средбите во Софија.

Според партијата се гледа дека првиот човек во МНР кажувал едно пред граѓаните, а далеку од очите на јавноста, Ива Михаилова, обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, е пуштена преку граница. Иако судот ѝ ги одзел двата пасоша.

Самата вели дека ја поминала границата легално, со лична карта, и дека службениците на границата знаеле. МВР вели дека нема евидентиран излез.
Граѓаните не се наивни. Гледаат и знаат сè. Вака се договараат бегствата од правдата.

Од партијата бараат оставка од Министерот Панче Тошковски.

„РАЗГОВОРИ ЗА ИДНИНАТА ВО 12:05“: НА ПОЛИТИЧКОТО ВОДСТВО НА ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ИМ Е НЕОПХОДНА ШОК ТЕРАПИЈА

Реакција стигна и од организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“.

Тие бараат Владата веднаш да одговори дали на средбата Муцунски-Чамова во Софија е договорено бегството на Ива Михајлова, кое во Македонија ќе биде иницијална каписла за предвремени парламентарни избори, после кои техничката Влада задолжена за нивното организирање ќе влезе во процес на уставни измени?

Доколку Владата го демантира претходното, тогаш веднаш да признае и прогласи целосна институционална неспособност и да побара помош од меѓународни стратешки партнери, додека се уште не сме го загрозиле безвизниот режим со ЕУ и не сме го вклучиле алармот на НАТО Алијансата заради неодговорно управување со државните граници.

Министрите за внатрешни, надворешни работи и правда веднаш да поднесат неотповикливи оставки, бараат организаторите на Разговори за иднината во „12:05“

Најнови вести