Уметност

Контроверзната Марина Абрамовиќ се врати во Венеција и испиша историја

Марина Абрамовиќ повторно успеа во намерата, илјадници луѓе да се запрашаат каде завршува перформансот, а каде почнува реалноста.

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Радикална, неуморна и секогаш на границата помеѓу уметноста и провокацијата, Марина Абрамовиќ повторно го бранува уметничкиот свет. Меѓународно познатата уметница влегува во историјата како прва жива уметница со самостојна изложба во Галерија дел’Академија во Венеција, институција која датира од 1817 година. Изложбата беше отворена на 6 мај годинава за време на 61. Венециско Биенале и завршува денеска, оставајќи ги илјадниците посетители одново и одново во прашалници.

Фото: Репер

За едни, нејзините перформанси се катарзично искуство што го оголува човечкото постоење, за други, пресметан медиумски спектакл што постојано намерно ги провоцира традиционалните сфаќања за уметноста. Дали ова е уметнички триумф или уште еден скандал на котроверзната Абрамовиќ? Изложбата во Венеција не понуди едноставни одговори, но повторно потврдува една работа: Марина Абрамовиќ е уметник кој остава трага.

Фото: Официјална фб страна на Marina Abramovic Institute

Изложбата го одбележува и 80. роденден на уметницата и воспоставува дијалог помеѓу нејзината пионерска перформансна уметност и ремек делата на ренесансата кои го обликувале културниот идентитет на Венеција.

Фото: Репер

Читател на РЕПЕР сведочи за несекојдневниот приказ на уметноста во градот кој со векови стои како крстосница на култури, трговија и скапоцени материјали. Употребата на кварц, аметист и други природни елементи од страна на Марина Абрамовиќ ја одразува историјата на венециските мозаици и ренесансната потрага по трансформација.

Фото: Репер

Читател на РЕПЕР: Уште на самиот влез во галеријата, јасно е дека контроверзијата не е само спореден ефект од нејзината работа, туку нејзин централен столб. Во град кој историски царува естетската совршеност, Абрамовиќ нуди суров концепт. Нејзиниот медиум никогаш не биле четката и платното, туку телото, изложено на болка, исцрпеност, ранливост и психолошки граници. Во срцето на „Трансформирачка енергија“ лежи средбата помеѓу минатото и сегашноста, материјалното и нематеријалното, телото и духот. Имавме можност да видиме интерактивни „Минливи предмети“, телепатски телефони, дрвени кревети и камени структури вградени во кристали, со лежење, седење или стоење на нив, активирајќи го она што Марина Абрамовиќ го дефинира како „пренос на енергија“.

Фото: Репер

Курирана од Шаи Бајтел, уметнички директор на Музејот на модерна уметност во Шангај, изложбата се одвива и во галериите со постојана колекција и во просторите за привремени изложби.

Фото: Репер

Проектот вклучува клучни работи/дела од раниот период на Марина Абрамовиќ, како „Ritmo 0″ (1974) и „Imponderabilia” (1977, co Улај), како и „Balkanski barok”, за кој Абрамовиќ го доби Златниот лав во Венеција во 1997. Во фокусот е и циклусот „Прошетка по Кинескиот ѕид (1988/2008), чија нарација лежи во основата на новата поставка.

Читател на РЕПЕР: Има нешто длабоко симболично во одлуката уметноста на Марина Абрамовиќ да се постави токму овде, во град кој со векови му пркоси на времето. Изложбата на пионерката на перформанс-уметноста, од старт е јасна, ова не е уште една класична ретроспектива. Ова е изложба што не се посетува за само пасивно да се набљудува — таа бара физичко и емоционално присуство.

Ова не е првпат Абрамовиќ да руши бариери. Во 2023 година таа стана првата жена со самостојна изложба во Кралската академија на уметности во Лондон, а во 1997 година беше првата жена што освоила Златен лав на Венециското биенале, за нејзиниот антивоен перформанс „Балкански барок”. Абрамовиќ одамна го надмина класичниот концепт на галерија. Нејзините дела не се слики закачени на ѕид, туку простор за соочување со телото, со времето, со границите на издржливоста и, пред се, со сопствената тишина.

Фото: Репер
Фото: Репер

„Трансформирачка енергија” првпат беше прикажана во Музејот на модерна уметност (МАМ) во Шангај.

БИДИ И ТИ РЕПЕР
Веста понекогаш почнува од тебе.

Сведочеше на нешто важно? Забележа проблем што заслужува внимание? Имаш информација, фотографија, видео или документ што може да отвори важна тема?

Биди и ти репер. Покажи ни каде да погледнеме.

Испрати ја информацијата до нашата редакција. Ние ќе ја провериме, ќе ги побараме одговорите и, доколку има јавен интерес, ќе ја претвориме во новинарска приказна.

Можеш да ни пишеш и анонимно. Името и контактот не се задолжителни.

Најнови вести