Бројот на повредени во земјотресот со магнитуда од 7 степени, што го погоди југозападниот дел на кинески Тибет, се зголеми на 65, соопштија локалните власти преку објава на социјалните мрежи, додека бројот на загинати остана непроменет – 16.
Земјотресот, чиј епицентар бил во Нагчу, ретко населен град на голема надморска височина во северен Тибет – е најсилниот потрес што ја погодил Кина од јануари 2024 година.
Повеќе од 300 полицајци, вклучително и припадници на сообраќајната полиција и полицијата за работа со заедницата, биле испратени во епицентралното подрачје за да спроведат спасувачки акции и да пружат итна помош, соопшти полициската управа на Нагчу.
На снимката што ја објави полицијата се гледа како полицајци во темница товарат залихи во камион, како и како со помош на батериски ламби прегледуваат објект и урнатини.
Повеќе од 12.000 луѓе се безбедно евакуирани, јави државната новинска агенција Синхуа.
На снимките што претходно ги објавија локалните официјални медиуми се гледа како луѓето ги напуштаат своите домови и бараат засолниште на отворено или во автомобили паркирани на улица. Еден жител раскажал дека го разбудил силен потрес, при што слушнал како куќата крцка.
Кинескиот центар за сеизмолошки мрежи во објава соопшти дека се регистрирани 413 последователни потреси.
Во 2010 година, земјотрес со магнитуда од 7,1 степен го погоди Јушу, во соседната провинција Ќингхај, при што загинаа најмалку 2.698 луѓе, додека речиси 300 лица се водеа како исчезнати.