Успех на македонскиот театар

Четири награди за Турски театар Скопје во Драч

Турски театар – Скопје освои четири признанија на Меѓународниот театарски фестивал „Александар Моисиу“ во Драч, меѓу кои награди за режија, актерски остварувања и сценографија.

  • 1 минута читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Претставата „Слепци“ на Турскиот театар од Скопје освои четири награди на првото издание на меѓународниот театарски фестивал „Dyrrachium International Theater Festival“ во Драч.

Претставата, во режија на Ќендрим Ријани, беше прогласена за најдобра претстава, а Ријани ја доби наградата за најдобра режија. Ансамблот на Турскиот театар беше награден за најдобра колективна актерска изведба, додека актерката Сузан Акбелге доби специјално признание од жирито.

Фестивалот се одржа од 15 до 25 септември, со учество на шест театарски трупи од Македонија, Албанија, Турција, Косово, Бугарија и Романија. Претставите се изведуваа во Античкиот амфитеатар и во Етнографскиот музеј во Драч.

„Слепци“ го отвори фестивалот на 15 септември. Претставата ја следи приказната на единаесет слепи луѓе кои се наоѓаат во непознат простор и, во обид да го пронајдат патот назад, се соочуваат со сопствените стравови, сеќавања и минато.

Делото е создадено според истоимената драма на белгискиот драматург Морис Метерлинк и книгата „Погубни идентитети“ на Амин Малуф.

Ова не е прво признание за „Слепци“. На Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 2025 година, претставата освои повеќе награди, меѓу кои за режија на Ќендрим Ријани, награда од публиката и награда за млада актерка за Слаѓана Вујошевиќ.

На фестивалот во Драч, за најдобар актер беше прогласен Алфред Требицка, додека наградата за најдобра актерка ја доби Луиза Џувани.

Најнови вести