Жителите на село Пчиња и неколку околни места со денови протестираат кај депонијата „Краста” и не дозволуваат влез на камионите и депонирање на комуналниот отпад во момент кога град Куманиво се гуши во смет. Причина за блокадата на депонијата се пожарите и постојаното чадење, кои, како што велат, претставуваат опасност по нивното здравје.
Градоначалникот Максим Димитриевски рече дека Општина Куманово нема друга локација на својата територија на која може законски да се одлага комуналниот отпад, поради што Општинскиот штаб го поддржал барањето на ЈП „Чистота и зеленило“, за обезбедување непречен проток на камионите што го транспортираат отпадот од градот до депонијата. Од друга страна, жителите на Пчиња и околните места остануваат на ставот дека блокадата треба да продолжи се додека не се изгасне пожарот.
Кумановскиот општински штаб за заштита и спасување заседаваше во врска со актуелната состојба на депонијата ,,Краста‘’. На состанокот е договорено сите институции во рамки на сопствените надлежности да ги превземат сите законски мерки за деблокирањето на депонијата “Краста”, поради непречено одлагање на сметот од градот.
Дополнително да се постави одреден број на камери за видео мониторинг на депонијата, кои ќе покриваат влез, излез и пристап на депонија „Краста“, бидејќи веќе поставените се во недоволен број. Утврдено дека се потребни термовизиони камери преку кои ќе се врши дополнителен мониторинг на депонијата и дополнително да се зајакнат стражарски служби и физичко обезбедување на депонијата.
Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Куманово, во соработка со месното население е задолжен да формира еко патрола во состав од претставници на месните заедници и невладини организации во с.Пчиња, с.Студена Бара, с.Вак’в и с. Винце, која во соработка со претставници на јавното претпријатие, ќе врши неделен мониторинг на состојбата на депонија “Краста“.