На сплитскиот аеродром биле евакуирани патниците од авионот на „Ер Србија“ кој требал да полета за Белград, поради закана за бомба. Полицијата приведе еден патник. Летот беше предвиден за 15:20 часот, јавува порталот „Дневник“.
Винко Паиќ, еден од патниците, ја опишал ситуацијата во авионот, раскажувајќи дека на пистата во авионот влегла неколкумина полицајци — некои во униформа, а некои во цивилна облека.
„Низ прозорецот видов полициско возило покрај авионот. Извадија еден господин со проседа коса кој седеше во 3-тиот или 4-тиот ред“, изјави Паиќ.
Бидејќи на патниците нешто им било јасно во прв момент, Паиќ ја прашал стјуардесата за што се работи. Таа кратко му одговорила: „Го спомна зборот бомба“.
Паиќ додаде и дека неколку патници од страв самоиницијативно го напуштиле авионот. Набрзо потоа, околу 15:40 часот, пилотот преку разгласот ги известил сите дека мораат да излезат поради безбедносен преглед на леталото.
Сплитско-далматинската полициска управа за медиумите во Хрватска потврди дека денеска на сплитскиот аеродром е уапсен 75-годишен патник кој околу 15:25 часот, додека се наоѓал во авионот пред полетувањето, му кажал на персоналот дека во авионот има бомба, за потоа да каже дека се шегува.