Стен Кренки и неговата компанија Kroenke Sports & Entertainment постигнаа конечен договор за преземање на контролниот пакет во Лос Анџелес Ејнџелс од досегашниот сопственик Арте Морено.
Со зделката, која треба да биде комплетирана на почетокот на 2027 година, семејството Кренки дополнително ќе го прошири едно од најимпресивните спортски портфолија во светот.
Покрај Денвер Нагетс, НБА-клубот во кој настапува Никола Јокиќ, под контрола на Кренки се и Лос Анџелес Рамс од НФЛ, Колорадо Авеланш од НХЛ и англискиот фудбалски гигант Арсенал.
Со преземањето на Ејнџелс, во колекцијата сега влегува и клуб од МЛБ, најсилната бејзбол лига во светот.
Од Денвер до Лондон и Лос Анџелес
Стен Кренки ги купи Денвер Нагетс во јули 2000 година. Денес франшизата оперативно ја предводи неговиот син Џош Кренки, кој има водечка улога и во останатите спортски инвестиции на семејството.
Под нивна сопственост Денвер стигна и до најголемиот успех во историјата на клубот – шампионската титула во НБА во 2023 година, предводен од Никола Јокиќ.

Но, кошарката е само дел од спортската империја.
Лос Анџелес рамс го освоија Супербоул во 2022 година, Колорадо авеланш истата година го освои Стенли купот, додека Арсенал со години е еден од највредните и најпознатите фудбалски клубови во светот.
Сега на списокот се приклучуваат и Лос Анџелес Ејнџелс.
Клуб вреден милијарди
„Форбс“ во март ја процени вредноста на Ејнџелс на околу 2,8 милијарди долари, што покажува за каква инвестиција станува збор.
Клубот од Анахајм е основан во 1961 година, а единствената титула во Светската серија ја освои во 2002 година.
Со завршувањето на зделката, Кренки ќе има контролни сопственички удели во клубови од четири од најголемите американски професионални лиги – НБА, НФЛ, НХЛ и МЛБ – а истовремено го контролира и Арсенал во англискиот фудбал.
Од Јокиќ и Денвер, преку Арсенал во Лондон, па сè до бејзболот во Калифорнија – спортската империја на семејството Кренки станува уште поголема.