Универзитетската трауматолошка болница во Тирана згрижила 26 лица повредени за време на денешниот протест, меѓу кои има полицајци, демонстранти и случајни минувачи, соопштија од болницата.
Според најновите податоци, на болничко лекување во моментов се задржани двајца полицајци и двајца демонстранти, кои, како што се наведува, се во добра здравствена состојба, пренесува „Албаниан пост“.
Истовремено, според официјалните податоци, во Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“ во моментов нема лица повредени за време на протестот.
Анти-владините протести траат и во текот на ноќта.
Во текот на вчерашната ноќ демонстрантите ја нападнале Полициската станица број 2, кршеле прозорци, оштетувале предмети во внатрешноста на зградата и фрлале тврди предмети кон полицајците. Еден полицаец бил погоден во главата, додека полициско возило паркирано во кругот на станицата било запалено.
Демонстрантите го блокирале сообраќајот, а цел на нападите биле и Министерството за правда и трговскиот центар „Топтани“, каде што биле искршени прозорците на фасадата.
Поради влошувањето на ситуацијата, на терен биле испратени дополнителни полициски сили, кои употребиле солзавец и шок-бомби за да ги растераат собраните демонстранти и да воспостават контрола врз ситуацијата.
Албанскиот премиер Еди Рама денеска изјави дека нема да поднесе оставка поради студентските протести кои траат трет ден по ред.
Поради немирите, парламентот ја откажал седницата. Студентите бараат оставка од Рама поради зголемените трошоци за високото образование и корупцијата.
Албанскиот премиер во писмените одговори до Ројтерс пак, изјавил дека владите се менуваат на демократски избори, потсетувајќи дека во Албанија минатата година биле одржани избори, „а не револуција“. За протестите ја обвини опозицијата.
Еуроњус Албанија пренесува дека е направен полициски кордон околу премиерската палата.