Осум ученички од основно училиште во истанбулскиот округ Башакшехир се повредени и пренесени во болница откако утрово со нож ги нападнала ученичка од друго училиште, јави весникот „Биргүн“. Турскиот министер за здравство, Кемал Мемишоглу, изјави дека по инцидентот три од ученичките се во тешка состојба.
Според соопштението на Гувернерството на Истанбул, инцидентот се случил нешто пред 09:00 часот по локално време во основно училиште од типот „Имам хатип“. Овој тип училишта обезбедува проширено образование за сунитскиот ислам, арапскиот јазик и Куранот. Повредените ученички биле пренесени во болница, додека останатите ученици го напуштиле објектот и наставата била прекината.
Според информациите од локалните власти во Башакшехир, ученичката која го извршила нападот има 15 години и учи во едно од средните училишта во истанбулскиот округ Кучукчекмеџе.
Причината за нападот сè уште не е утврдена, но се претпоставува дека станува збор за расправија меѓу млади. За случајот веќе е отворена официјална истрага, а турскиот медиумски регулатор, Високиот совет за радио и телевизија (РТУК), соопшти дека воведува забрана за објавување какви било новинарски материјали поврзани со случајот до нејзиното завршување.
Информацијата доаѓа во услови на засилени безбедносни мерки во училиштата во Турција по серијата случаи на пукање во образовни институции.