РЕПЕР ИНТЕРВЈУ

ЈАНЕВСКА ЗА РЕПЕР: 22 институти под клуч, „Кузман“ се отвора, а ДИФ добива нов објект

  • 8 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Се распаѓаат ли ѕидовите во реновираниот студентски дом „Стив Наумов“, кога конечо студентите ќе се вселат и во „Кузман Јосифовски-Путу? Има ли нови институти кои ги прекршија законите и дали конечно ќе се доградат зградите кои осум години стојат руинирани на кампусот на УКИМ, а требаше да им припаднат на ФИНКИ И ДИФ. За се позачестените инциденти со врсничкото насилство, за разговорите со студентите за износот на субвенционираниот оброк, во РЕПЕР интервју подетално објаснува, Министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

РЕПЕР: Mинистерке Јаневска, во изминатиот период бевте доста фокусирани на проекти кои се однесуваат на подобрување на студентскиот стандард. Се отвори реновираниот Студентски дом Стив Наумов, најавивте реконструкција на уште 6 домови, кои со години се руинирани и запоставени . Кога можеме да очекуваме и Кузман Јосифовски – Питу да ги отвори вратите за студентите?

Весна Јаневска: Градежните работи во студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ се во завршна фаза. Реализирани се над 90% од целокупната инвестиција и многу скоро објектот ќе биде подготвен да прими 280 студенти кои ќе аплицираат на конкурсот што ќе го објавиме и ќе ги исполнат условите за сместување и престој. Попрецизно, со стартот на вториот семестар од академската 2026-2027 година, во домот веќе ќе има студенти.

Потоа ќе следи и обнова на уште седум други државни студентски домови, за што обезбедивме средства со поддршка од ЕУ и Германската развојна банка. Ова е важен влог во унапредувањето на студентскиот стандард. Знаеме какви беа овие објекти во минатото – особено „Стив“ и „Кузман“, а за жал, претходната Влада за 7 години мандат не успеа да реновира ниту еден, а не беше исполнето ни ветувањето за изградба на нов студентски град во Скопје.

РЕПЕР: Голема фама во јавноста се крена по изјавите на студентите дека во Стив Наумов се појавија и првите проблеми, бевте и вие самата во посета на студентскиот дом. На каква состојба наидовте? Имаше и информации во медиумите дека и студентите не доволно се грижат за чистотата во заедничките простории? Која е реалната слика?

Весна Јаневска: Опозицијата почна да шири лаги дека се распаѓаат ѕидови во тукушто реновираниот и пуштен дом во употреба и тоа не е коректно пред сé кон родителите на тие деца кои се таму сместени. Секој би се вознемирил доколку слушне таква информација.

И затоа веднаш отидов во домот, а беа поканети и СДСМ, заедно да направиме обиколка и да видиме дали навистина има распаднати ѕидови. Се разбира, тие не дојдоа, а веста која ја споделија од пред нивното партиско седиште се потврди дека е лажна.

Условите во домот се одлични. Објектот е реновиран и исполнува највисоки европски стандарди за ваков тип на градби.

Студентите се задоволни и сега сите заедно имаме обврска да се грижиме, за да можат да го користат што повеќе генерации. Раководството треба да го одржува објектот, а студентите да се придржуваат до куќниот ред, затоа што за година, две, можеби токму нивни браќа и сестри ќе треба таму да се сместат. Не ми се допадна тоа што го видов во медиумите – флеки од чевли по варосувани ѕидови, неред во заедничка кујна и другите простории, но верувам дека тоа не е слика и одлика на цела една генерација, туку изолирани случаи.

РЕПЕР: Уште една тема која беше актуелна деновиве беше и тужбата која до МОН стигна од Форумот за образовни промени, кои обвинија дека години наназад не се усогласува цената на студентскиот оброк со растот на трошоците за живот. Сега предложивте и нов модел за субвенциониран оброк, кој беше прифатен од студентите, како ќе изгледа новиот модел и која ќе биде финалната сума која ќе ја добијат студентите?

Весна Јаневска: Двојно е зголемен буџетот за студентски стандард ако ги споредиме, на пример 2022 и 2026 година. Тоа ја потврдува нашата грижа и фокус кон студентите, да им обезбедиме подобри услови за студирање и да им го олесниме студентскиот живот.

Актуелната Влада го почна мандатот во јули 2024 година и набргу добивме барање од Националното студентско тело кое ги обединува универзитетските студентски собранија – наместо да го зголемиме износот на субвенционираниот студентски оброк, да го прошириме опфатот на мерката со студенти запишани на постдипломски и интегрирани студии и со студенти кои се во работен однос.

Го прифативме барањето на студентите и тој договор почна да се реализира во 2025 година и се уште важи.

Сега студентите побараа зголемување на износот и менување на моделот и повторно дадовме предлог, за кој чекаме повратна информација од нив дали е прифатлив. Моделот е сличен на словенскиот и ќе овозможи ефикасно искористување на субвенцијата исклучиво за оброк, а не и за други потреби.

Средствата ќе можат да ги користат на пример во ресторани и пекари кои ќе се пријават на јавен повик и ќе се согласат да служат храна на студентите по 20% пониска цена и тој попуст ќе го даваат и по искористувањето на сите средства од студентот, до крајот на месецот.

Субвенцијата ќе има повисока вредност, ќе обезбедиме буџет за оваа намена во 2027 година.

РЕПЕР: Се позагрижувачки се податоците за корупција во образованието. Вие сте децидна дека нема да ги толерирате ваквите појави. Еден од случаите на кои бевме сведоци е, случајот со професорот на УГД, но вакви примери се провлекуваат со години. Имате ли индиции дека вакво нешто се случува и на другите универзитети?

Весна Јаневска: Многу е важно секој што ќе се соочи или ќе разбере за случај на корупција, да пријави на надлежен орган, наместо тивко да прифати и да биде соучесник во противзаконски дејствија.

Само така можеме да ја намалиме оваа појава. Но вакви пријави или ги нема воопшто или се бројат на една рака на годишно ниво. Еве уште еден апел до граѓаните – да се охрабруваат и да пријавуваат. Уверувам дека никој нема да биде поштеден. МОН, МВР и Државниот просветен инспекторат постапуваат координирано.

РЕПЕР: Кога студентите може да очекуваат дека конечно ќе биде завршена изградбата на зградите на Факултетите ФИНКИ и Факултетот за физичко образование?

Весна Јаневска: Проектите се ревидираат и многу скоро ќе објавиме постапка за избор на компанија која ќе ги доврши двата објекта во дворот на УКИМ, кои ќе припаднат на ФИНКИ.

Таму многу време има застој. Моравме да се осигуриме дека градбите не се оштетени од времето и дека можат да продолжат градежните работи, за што ни помогна работна група составена од претставници на повеќе факултети и државни институции.

На сите сум им благодарна и заедничка ќе биде заслугата кога ќе ги завршиме. За потребите на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје ќе изградиме целосно нов објект во дворот каде се наоѓа сегашниот. И таму очекувам да имаме активности на терен некаде напролет во 2027 година.

РЕПЕР: Министерке, соопштивте дека досега се затворени 18 институти и една приватна висока стручна школа поради неусогласеност со законите и недостаток на квалитет во високото образование, дали има и други кои ги заобиколиле законите?

Весна Јаневска: Сега се веќе 22 затворени приватни научни институти и високообразовни установи.

Дел беа затворени поради неактивност, дел поради непочитување на законски прописи. Знаете дека некои од нив и воопшто не се занимаваа со научна дејност. Затекнавме регистриран научен институт во простории на казино, со два кревета и едно биро и столица.

Транспарентно информирав за неколку случаи на нерегуларности при издавање на дипломи, да не речам дипломи со индиции дека се фалсификат и тогаш, започнува борба со група луѓе кои грчевито се борат да го докажат спротивното, па пуштаат тужби, се закануваат на вработени во МОН и така натаму.

А во некои ситуации е премногу очигледна незаконитоста. Јас сум категорична – нема компромиси кога законите не се почитуваат. Нашите контроли и проверки на исправното работење ќе продолжат интензивно и во периодот што следи, ред мора да има.

РЕПЕР: Ќе се повикам на една ваша реченица која остави голем впечаток, а тоа е дека во општеството има нова појава, а тоа е апатијата кај учениците, ова го кажавте во контекст на најновите случувања со врсничкото насилство во Тетово. Зошто како што велите децата стануваат се повеќе учесници во булинг, наместо да им помогнат на врсниците? Кои ќе бидат идните чекори на МОН за сузбивање на оваа појава?

Весна Јаневска: Многу се трудиме да се справиме со оваа негативна појава која не расте по обем, туку по искажана агресивност и бруталност. Ги обединивме силите и ресурсите на повеќе институции, стручни комори и лица, граѓански организации и компании. Изготвивме повеќе прирачници за постапување во случаи на врсничко насилство, ги посетуваме училиштата и организираме обуки за наставниците и стручните соработници, разговараме со родители и ученици, имаме неколку информативно – едукативни медиумски кампањи.

Мораме да го промениме начинот на размислување и постапување кај младите. Никако не смеат да поттикнуваат насилство, но и не смеат да бидат неми сведоци на вакви ситуации, да не се обидат да го спречат и уште полошо – да снимаат со своите мобилни телефони. Борбата е тешка, но верувам дека ќе имаме позитивен исход. Апелирам до сите семејства во кои има ученик, да бидат проактивни и да дискутираат со своите деца на оваа тема и за последиците од насилство.

РЕПЕР: Голем број европски земји ја забранија употребата на мобилниот телефон за време на наставата. Дали размислувате во оваа насока и дали се подготвени училиштата да се справат со дигиталната зависност кај децата?

Весна Јаневска: И кај нас најголем дел од општините забранија употреба на мобилни телефони за време на часовите во училиштата на нивна територија. Можат да ги користат само со дозвола на наставник, кога тоа го бара одредена единица од наставната програма. Но, проблемот е што децата после часовите повторно ги земаат во рака и врз голем дел од нив можеби никој нема контрола. За жал, имаат пристап до многу содржини кои не се соодветни на возраста и немаат врска со етички и морални вредности.

Затоа, повторно потенцирам – потребно е поголемо внимание од возрасните, од родителите и блиските. Мора да следиме што децата прават со телефоните и да ги насочуваме да ги користат исклучиво за едукативни цели, за истражување, да дојдат до корисна информација, да потврдат некоја информација и така натаму. Не сум оптимист дека само со една законска одредба, може да се реши овој предизвик.

Најнови вести