интервју

Адвокатката Катерина Котеска за РЕПЕР: Јавна соба е пресвртница, Богданци е опомена – борбата за правата на жената продолжува

Трагедијата во Богданци повторно ја актуелизира потребата од посилна заштита на жените од насилство и поголема општествена одговорност. Колку се ефикасни механизмите за заштита на жртвите, дали законските решенија се доволни и зошто емпатијата мора да биде темел на секое постапување? За фемицидот, дигиталното насилство и борбата за човековите права, во интервју за РЕПЕР одговара адвокатката Катерина Котеска.

  • 5 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Трагедијата во Богданци, во која животот го загуби 17-годишно девојче, повторно го отвори прашањето за фемицидот и институционалната заштита на жртвите на насилство. Со оглед на информациите дека претходно имало пријави за насилство и закани, каде потфрла системот и кои се клучните механизми што треба да спречат вакви трагедии?

Со убиството во Богданци, повторно сме сведоци дека системот не ни е доволно силен да ја заштити жртвата од насилникот и навремено да се спречи трагедија. Во случајот во Богданци, жртвата пријавила и на насилникот му биле изречени мерки за заштита на жртвата, но иако сите знаеле дека лицето е насилно и имало мерки, истите не биле соодветно спроведени и процената на ризик не била извршена адекватно, а сето тоа како претпоставка за пропустите на институциите, како и влијанието на малите средини кои се карактеристични во нашата мала држава, каде што сите со сите се познаваат и никој со никој не сака да се замерува.

Фемицидот често не е изолиран чин, туку кулминација на претходно насилство, контрола и закани. Дали како општество сè уште ги третираме овие предупредувања како приватни партнерски конфликти, наместо како сериозен безбедносен ризик?

Фемицидот во Богданци не е инцидент, туку бил кулминација. Согласно тоа што се објави во медиумите лицето било насилно и од претходно, а жртвата имала побарано мерки за заштита кои биле изречени. Со оглед на тоа, проценката на ризик требало да биде попрецизна, односно требало да се засили надзорот врз безбедноста на жртвата, како опасност од висок ризик, бидејќи насилството било повторено од исто лице.

Како спроведувач на мерките, МВР требало да изврши подетален надзор, требало да го карактеризира овој случај како случај од висок ризик и да обезбеди адекватна заштита, но исто така поревносно требало да се заземe и ОЈО.

Повтореното насилство врз жената и семејното насилство треба да се третира со најголема доза на внимание и приправност, а мерките да бидат поригорозни. Ова треба да претрпи и соодветна законска измена и заострување на мерките и казните.

Исто така, нашата држава треба да биде свесна за синдромот на „мала средина“ и треба да ги засили механизмите на контрола на поединци кои се занимаваат со спроведувањето на мерките, за поголема ефикасност и отстранување на потенцијалната опасност од пропусти со не сторување при вршење на службената должност и пропусти при должно внимание.

Дали во македонското општество сè уште го идеализираме семејството како институција, а премолчуваме дека зад затворените врати често се случуваат насилство, понижување и нееднаквост, наместо да се соочиме со вистинските проблеми?

Во македонското семејство, во кое се уште се втемелени некои традиционални вредности кои ги напуштило современото општество, допринесуваат да постојат несоодветни родови поделби и омаловажување на улогата на жената во семејството. Улогата на жената, освен општо прифатената родова улога да раѓа деца и да се грижи за нив со доминантно внимание, кое и го налага природната карактеристика, а за која никој не спори и не треба да биде напуштена, треба да биде рамноправен член на семејството со мажот, а подоцна и со поголемите деца во делењето на обврските, но и во искажувањето на својата волја и превземање на обврските.

Дали македонската жена навистина има слобода самостојно да одлучува за својот живот или сè уште е под притисок на околината, предрасудите и очекувањата дека мора да ги зачува бракот и семејството по секоја цена?

Македонската жена треба да биде образовна или обучена со вештини за да може да биде самостојна, но тоа не значи дека треба да ја напушти својата родова улога да биде мајка и сопруга.

Само како самостоен и стабилен член на општествено, жената ќе биде самосвесна и за своите права и обврски, а со тоа индиректно ќе се наметне на мажот да ја третира со почит и рамноправно.

Вие ја добивте судската битка во случајот „Битолска јавна соба“, застапувајќи жена чии интимни фотографии беа објавени без нејзина согласност. Колку оваа правосилна пресуда е важен чекор во борбата против дигиталното насилство и дали претставува охрабрување за другите жртви да ја бараат правдата?

Во 2022 година стана правосилна пресудата т.н.„Битолска јавна соба“ со која беше осуден сторител на кривично дело по чл. 152 од КЗ. Овој предмет беше добиен со иницирање на приватна тужба и претставуваше пионер во борбата против дигиталното насилство. По ова со долгогодишно лобирање од моја страна и истомислениците кои се залагаа дека дигиталното насилство е подеднакво болно за жртвата, штетно за општеството и е поведение кое треба да се санкционира согласно Закон, а не само морално да се осуди и да се стигматизира жртвата дека „сама си го барала“ со тоа што испраќала интимни фотографии на друго лице, во 2026 година се донесоа измени на КЗ каде што се воведе нов чл.152 а со кој се санкционира осветничката порнографија.

Овие измени на КЗ претставуваа резултат на мојата заложба од 5 години со кои апелирав и лобирав да се санкционира осветничката порнографија, како дело кое е општествено штетно поради кршење на основните човекови принципи и права, а тоа е принципот на доверба во комуникацијата.

По долгогодишното адвокатско искуство и соочувањето со тешки човечки судбини, што би промениле доколку имате можност да направите само една суштинска промена во македонскиот правосуден систем?

Доколку би можела да сменам нешто во македонскиот правен систем, после долгогодишна борба за правда и остварување на човековите права, би сакала да го сменам менталниот склоп на сите поединци од сите институции за кога ќе се соочат со случај каде што постои жртва на која и се прекршени правата, која е оштетена и очајна и бара заштита да се постапи човечки и со емпатија и секогаш системот да биде на нејзина страна за да таа позиција ништо не ја наруши, ниту малата средина, ниту општествената позиција на насилникот, ниту корупцијата.

Кој е вашиот РЕПЕР во работата и општо во животот?

Мојот РЕПЕР за работа и општо во животот е дека секогаш треба да се помогне и да се подаде рака, бидејќи не знаеме кога и во која позиција ќе бидеме во животот, како и тоа дека секогаш треба да постапуваме со емпатија при вршење на својата професија, бидејќи секој од нас може да се најде во позиција да биде жртва и да побара помош од системот.

Најнови вести