Јапонија успешно ја лансираше водечката ракета НЗ, која носи сонда наменета за месечините на Марс. Со ова почнува амбициозна петгодишна мисија за прибирање примероци, кои би можеле да фрлат светлина врз потеклото на Сончевиот систем и животот на Земјата.
Мисијата Mars Moons Exploration, предводена од Јапонската вселенска агенција ЈАХА, треба да пристигне до Фобос во август 2027 година. Враќањето на примероците е планирано за 2031 година, кога капсулата со материјалот треба да слета во пустинската област Вумера во Австралија.
Целта на мисијата е слетување на Фобос, една од двете месечини на Марс и да се собере 10 грама прашина која би се вратила на Земјата. Ако мисијата успее, тоа ќе биде првпат примерок од Марс или неговите месечини да биде донесен директно на Земјата за лабораториска анализа.
Леталото најпрво ќе го проучува Деимос, а потоа ќе се приближи до Фобос. Таму ќе спушти мал ровер кој ќе ја истражува површината и ќе помогне да се избере безбедно место за слетување.
Фобос и Деимос се единствените две месечини на Марс. Тие се мали, неправилно обликувани небесни тела, со пречник од околу 20 и 10 километри. Научниците се уште не знаат како настанале пред приближно 4,5 милијарди години.
Мисијата следува во време кога американскиот проект за враќање примероци од Марс се соочува со прекин на финансирањето, додека Кина планира сопствена мисија за собирање материјал од Марс во 2028 година.