Премиерот Христијан Мицкоски е убеден оти ја има поддршката од неговиот унгарски колега Петер Маѓар за европскиот пат на Македонија, дека таа никогаш не била под знак прашање и е недвосмислена. Според шефот на Владата неговите пораки за влезот во ЕУ се однесува на други земји од Балканот.
За истрагата за унгарскиот кредит, Мицкоски со став дека тоа си е внатрешна работа на Унгарија, додавајќи оти не стравува бидејќи парите се потрoшени и добиени на транспарентен начин.
„Апсолутно не стравувам, сето тоа е дел од нашето стратешко партерство потврдено од двете влади, средствата се на транспарентен начин потрошени и благодарност до Унгарија како наш стратешки партнер, што во времето кога се боревме од банкрот да ја извадиме државата, поради долговите кои ги наследивме од бандитската влада на СДСМ и ДУИ тие беа први кои излегоа во пресрет“, рече Мицкоски.
Опозицијата не се согласува. Лидерот на социјалдемократите Венко Филипче, вели дека поради заемот кој што е сега предмет на истрага, е заемот поради којшто сега цела Европа и цел свет знае дека владата, на чело со Христијан Мицкоски, е под истрага и се сомневаат во нелегални процеси. Прашува, каков ефект од тие пари почувствувале граѓаните.
„Каде се парите од унгарскиот кредит? Што видовме ние од унгарскиот кредит? Што видоа граѓаните? Им се подобрел стандардот. Имаше ли зголемување на платите? Имаше ли некакви мерки граѓаните да ги надминат овие тешки денови“, рече Филипче.
СДСМ повторно ќе го поднесе во Собранието Законот за зголемување на минималната плата да изнесува 600 евра.