Министерот за одбрана, Владо Мисајловски престојува во Словенија. Денеска и утре во Брдо кај Крањ, ќе учествува на годишниот состанок на министри за одбрана во рамки на Централноевропската одбранбена соработка со земјите од Западен Балкан.
Предвиден е и состанок на неформалната регионална иницијативата за одбранбена соработка меѓу земји од Централна Европа во формат Грац/Кремс со земјите од Западен Балкан.
Во текот на утрешниот ден предвидено е да се реализира и состанок на земјите членки на Балканските медицински наменски сили.
Фокусот на годинашните состаноци е безбедносната состојба во Европа, регионалната безбедносна и одбранбена соработка, размена на искуства со земјите членки на Централноевропската одбранбена соработка, воената мобилност, управувањето со кризи, хибридните закани, обуки и развој на капацитети и способности и идни активности кои ќе ја зајакнат улогата на земјите од Западен Балкан во евро- атлантската безбедносна архитектура.
Вчера, на покана на Македонската православна црковна општина „Света Троица“ од Крањ и Македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“ – Крањ, министерот Мисајловски присуствуваше на Светата литургија и осветувањето на новата црковна канцеларија при Македонската православна црква „Света Троица“ во Крањ.