На маргините на Бледскиот стратешки форум, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски оствари средба со потсекретарот за политички прашања во Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави, Алисон Хукер.
На средбата беше потврдено високото ниво на билатералните односи и цврстото стратешко партнерство меѓу двете земји, како и заедничката определба за негово натамошно продлабочување и проширување во областите од заемен интерес. Воедно, беа разменети мислења за актуелните безбедносни предизвици и состојбите во рамките на НАТО.
На средбата беше нагласено дека стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави и сојузништвото во Алијансата претставуваат значаен придонес кон колективната безбедност, стабилноста и отпорноста на регионот.
Македонија го продолжува патот за рамноправна членка на Европската унија. Во овој контекст е и изјавата на словенечкиот премиер Јанез Јанша, од Бледски стратешки форум дека проширувањето на ЕУ со Западниот Балкан денеска е поитно од кога било порано. Европа цела и слободна не може да ги држи во чекална земјите од западниот Балкан, свое обраќање во Блед имаше и министерот Тимчо Муцунски кој порача дека Словенија и Хрватска треба да бидат примери и ментори на земјите од Западниот Балкан за тоа како се надминуваат минатите предизвици и се гради силен однос, додавајќи дека тоа е начинот на којшто регионот може да се движи напред.
„Како регион ќе продолжиме да инвестираме во коридорите и во поврзаноста, но се надеваме и на политичка инвестиција, за поврзување кон европската унија. Ако инвестираме само во коридори и во економска поврзаност, но го забораваме политичкиот аспект, којшто е подеднакво значаен, тогаш нема да ја постигнеме нашата примарна цел“, истакна Муцунски.