Премиерот Христијан Мицкоски во Дизелдорф учествувал на Самитот посветен на отпорноста во Северна Рајна-Вестфалија, каде на панелот “Отпорност како императив за севкупното општество” истакнал дека Македонија веќе 15 години не е членка на ЕУ заради вештачки прашања.
Мицкоски посочил дека земјата сега се соочува со вештачко барање од земја членка на ЕУ, а сето тоа може да се гледа и како на рушење на отпорноста на ЕУ, а кога постои таква дупка во системот, тогаш станува збор за ранливост на системот, вели шефот на Владата.

Додава дека не секогаш рушењето на системот е предизвикано од оружје, туку и со други ресурси. Затоа смета дека е потребна робусна акција на ЕУ кога земја кандидат се бори со прашања од минатиот век поставени од земја членка на ЕУ.
-Членството во ЕУ значи промена со додавање вредности, а не промена на идентитет. Почнавме пред 26 години, дури и пред Хрватска, којашто сега е земја членка на ЕУ.
Се бориме за нашите права, дел сме од НАТО, целосно усогласени со надворешната политика на ЕУ, ја штитиме ЕУ од нелегална миграција од членки на ЕУ, и така ќе продолжиме.

Мицкоски зборуваше и за проектите во енергетиката и транспортот. Изјави дека Македонија станува енергетски и транспортен крстопат на регионот, со конкретни инфраструктурни проекти за транспорт, енергија, гас и железница. Преку изградба на гасните интерконектори со Грција и Србија, создаваме вистинска алтернатива на руската енергетска инфраструктура, поврзувајќи го терминалот за ЛНГ во Александруполи со Централна Европа, со капацитет од 3 до 6 милијарди кубни метри годишно, рече Христијан Мицкоски на Самитот.