По години застој, во финална фаза е поврзувањето на улиците „Љубљанска“ и „Скупи” и до крајот на годинава мостот да биде ставен во функција, објави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Toj заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, извршија увид во градежните активности.
Застојот поради потребното мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар за заштита на локалитетот „Скупи“ е надминат. Дозволата е обезбедена, заштитата на културното наследство е запазена, а градежните активности продолжуваат со засилен интензитет.

,,За нашиот град, ова поврзување има огромно значење. Нова сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на Скопје, подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, побрз и побезбеден излез кон обиколницата и растоварување на булеварите „Партизански одреди” и „Илинденска“, истакна Ѓорѓиевски.

Се гради современо и целосно сообраќајно решение, со коловоз широк 12 метри и четири сообраќајни ленти, по две во секој правец, на вкупна површина од 5.350 квадратни метри. Од двете страни ќе има пешачки и велосипедски патеки, со вкупна површина од 3.815 квадратни метри, кои ќе овозможат безбедно движење за сите учесници во сообраќајот. Изградени се потпорни ѕидови од двете страни на булеварот, атмосферска канализација во должина од 473 метри и улично осветлување со 40 столбови, за поголема безбедност.

Градоначалникот Ѓорѓиевски рече дека паралелно се работи и на изградбата на мега парк на површина од 70.000 квадратни метри во Карпош, со партерно и хортикултурно уредување, пешачки патеки, хидрантска мрежа и урбана опрема.

Владата обезбедила околу половина милијарда евра од централниот буџет за проекти во локалната самоуправа и општините. Премиерот Христијан Мицкоски, оцени дека станува збор за сериозна поддршка за општините и политика што Владата ја спроведува од почетокот на мандатот.