Нови правила за боледување од 1 декември- ова се деталите

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Од 1 декември стапуваат во сила нови правила за издавање боледување. Периодот во кој матичниот лекар може да одобри боледување без дополнителни дијагностички критериуми се скратува од седум на пет дена. За продолжување на отсуството ќе бидат потребни дополнителни испитувања или специјалистички прегледи, зависно од заболувањето.

Од Фондот за здравствено осигурување појаснуваат дека промените не значат задолжително враќање на работа по петтиот ден и дека правото на боледување не се укинува. Матичните лекари и натаму ќе можат да одобруваат отсуство до 15 дена, а за подолг период ќе одлучува лекарска комисија. Во медицински оправдани случаи ќе може да се издава и приоритетен упат за побрз специјалистички преглед.

Сепак, лекарите бараат дополнителни појаснувања за практичната примена на правилникот, особено кога пациентите не можат навреме да обезбедат специјалистички преглед. Дел од нив сметаат дека критериумите за одредени дијагнози треба дополнително да се разгледаат. На 20 ноември е најавена отворена дебата со Фондот и претставници на лекарите.

Новите правила предвидуваат и построги услови за подолготрајно боледување. За отсуство подолго од 60 дена, по правило, ќе биде потребно конзилијарно мислење од тројца специјалисти. Предвидени се исклучоци за одредени тешки заболувања, а за хроничните пациенти ќе може да се користат и претходни дијагностички наоди, доколку се соодветни.

Правилникот опфаќа и електронско издавање извештаи, постапување при повторно отворање боледување и можност за приговор на лекарската оценка. Фондот најавува работилници на 19 и 20 ноември за дополнително запознавање на матичните лекари со новите критериуми.

Најнови вести