ОН предупредуваат на ризици од вештачката интелигенција: Владата да ги заштити граѓаните!

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги предупреди светските лидери дека ризиците поврзани со забрзаниот развој на вештачката интелигенција не можат да се игнорираат. Пред претстојниот состанок на лидерите на Генералното собрание на ОН, Гутереш рече дека посилниот надзор ќе биде една од главните теми на неговите разговори со државниците.

„Не можеме да ги игнорираме загриженостите што се изразени, особено оние што се директно вклучени во развојот на вештачката интелигенција“, рече Гутереш. „Одговорност на секоја влада е да ги заштити своите граѓани – вклучително и од заканите што ги носи вештачката интелигенција“, додаде тој.

Загриженоста за потенцијалните опасности од вештачката интелигенција (ВИ) расте откако истражувачот од Антропик, Џејкоб Коксон изјави дека поднел оставка, делумно затоа што луѓето што развиваат вештачка интелигенција искрено веруваат дека таа би можела да го уништи човештвото до крајот на деценијата. Лидерите на некои од најголемите компании во индустријата повикаа на забавување на развојот на технологијата.

Францускиот министер за финансии Ролан Лескир изјави вчера дека повиците за забавување на развојот на вештачката интелигенција им служат на интересите на американските лидери во секторот и дека Франција и Европа мора да го забрзаат распоредувањето на вештачката интелигенција за да ги контролираат поврзаните ризици.

„Јасно можам да видам дека повиците за забавување сега доаѓаат од оние на врвот. Тие сакаат да ја забават конкуренцијата за да ја одржат водечката позиција, јасно можам да видам дека се грижат за своите интереси“, изјави Лескир.

„Сакам да ги засилиме нашите напори во Франција и низ цела Европа за да можеме да станеме лидери и да можеме да управуваме со ризиците“, додаде Лескир на маргините на настан организиран во Париз од France Digitale, француското здружение на технолошки стартапи.

Гутереш долго време се залага за глобално управување со вештачката интелигенција. Во 2023 година, ОН формираше советодавно тело од 39 члена, кое вклучува лидери на технолошки компании, владини претставници и академици од земји како САД, Русија и Јапонија. Гутереш повикува на заеднички правила за вештачката интелигенција.

Советот за безбедност на ОН би можел да се состане следната недела за да разговара за вештачката интелигенција, изјавија дипломати. Советот се состана на оваа тема за првпат во 2023 година.

На темата вештачка интелигенција, нејзините предности и ризици, РЕПЕР вчера објави интервју со Мери Кокотовска од ТВМ Group, која спојот на технологијата, луѓето и новите идеи ја инспирира да се насочи кон создавање технолошки настани што отвораат нови перспективи и можности..

РЕПЕР: Некои технолошки гиганти од САД повикаа на забавување на развојот на ВИ, дали на самитот во Белград компаниите го допреа ова прашање поврзано со ризиците што ги носи ВИ.

МЕРИ КОКОТОВА ТВМ Group: Да, ризиците и одговорната употреба на AI беа важен дел од дискусиите. Денес веќе не е доволно да зборуваме само за тоа што може вештачката интелигенција, туку и каде треба да поставиме граници и како да обезбедиме безбедна и етичка примена.

Она што е јасно е дека развојот тешко може едноставно да се запре. Затоа фокусот сè повеќе се става на одговорност, регулација и едукација – односно како да ги искористиме придобивките од AI, а истовремено свесно да управуваме со ризиците.

РЕПЕР: Видовме роботи, слушнавме за имплементација на ВИ во банки, спортски терени, човечки ресурси, медицина, образование, дали вистински ВИ ќе ни ја преземе работата?

МЕРИ КОКОТОВА ТВМ Group: Не верувам дека AI едноставно ќе ни ги „преземе“ работните места, но сигурно ќе ги промени. Одредени задачи ќе се автоматизираат, ќе се појават нови професии, а постојните ќе бараат нови вештини.

Мислам дека поголемото прашање не е дали AI ќе го замени човекот, туку дали човек кој знае да работи со AI ќе има предност пред оној кој не знае. И токму затоа едукацијата денес е толку важна.

Целото РЕПЕР ИНТЕРВЈУ може да го прочитате на овој линк.

Најнови вести