За три месеци ОУ „Братство“ во општина Карпош ќе добие нова спортска сала која ќе се протега на површина од 1.400 квадратни метри, со трибински дел за 410 посетители. Освен за образовна настава, ќе исполнува стандарди и за домашни и меѓународни натпревари, како и за спортско-културни настани.
Камен-темелникот на салата беше поставен денеска во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и општинското раководство, кои при посетата на општината беа и на увид во градежните активности за асфалтирање на улицата Софиска.
– Двата проекта со вклучен ДДВ се речиси два милиони денари, а имаат цел да го олеснат начинот на функционирање на жителите во овие населени места. Кога ќе биде изградена салата, учениците ќе може да другаруваат, да го градат својот спортски дух и да растат во подобри личности, премиерот Мицкоски.
Министерката Јаневска истакна дека салата што се гради е мултифункционална – покрај училиштето, ќе се користи и за комерцијални цели, за спортски натпревари, спортско-културни настани.
Таа соопшти дека со речиси 90 милиони евра се изработуваат 70 проекти во образованието.
-Заедно со општините Владата спроведува голема градежна офанзива за подобрување на образовната инфраструктура, информира Јаневска.