Култната спортска сала „Гемиџии“ во Велес наскоро ќе биде обновена и функционална

Вкупната вредност на проектот за реконструкција на спортската сала изнесува 22.9 милиони денари. Од нив, 15.7 милиони денари се обезбедени од Владата преку Министерството за спорт, додека 7.2 милиони денари ги обезбедува Општина Велес.

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Вкупната вредност на проектот за реконструкција на спортската сала изнесува 22.9 милиони денари. Од нив, 15.7 милиони денари се обезбедени од Владата преку Министерството за спорт, додека 7.2 милиони денари ги обезбедува Општина Велес.

Со реконструкцијата се опфатени санација и обновување на водоводната и електричната мрежа, делови од архитектурата, како и уредување на санитарните јазли и соблекувалните, како и теренот и придружните елементи.

Министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, денеска изврши увид во градежните работи кои се во тек. Работите се одвиваат во две фази и според предвидената динамика.

„Ова е една значителна поддршка од Владата преку Министерството за спорт за отпочнување на реконструкцијата на оваа спортска сала во делот на соблекувалните, електричната и водоводната инсталација. Верувам дека ќе влезе во програмата на Министерството за спорт и за следната година за спортскиот дел од салата, промена на подот и сите оние придружни елементи што се потребни за Велес повторно да биде домаќин на големи домашни и меѓународни натпревари. Тоа не е само во интерес на граѓаните на Велес, туку е во интерес и на цела Македонија. Велес е спортски град и Велес заслужува место меѓу градовите каде што се одржуваат големи настани и ние како Влада и како Министерство за спорт секогаш ќе бидеме тука да ги подобруваме условите. Не се работи само за професионалниот спорт, оваа сала ќе ја користат и рекреативци и дечиња кои почнуваат да се занимаваат со спорт и наша обврска е да им овозможи што е можно подобри услови. Токму затоа, обновата на спортската инфраструктура низ целата држава е еден од приоритетите на Министерството за спорт како основа и главен предуслов за развој на спортот“ – истакна министерот Борко Ристовски.

Салата „Гемиџии“ е значаен спортски објект за Велес и за Македонија и место каде што тренирале и се натпреварувале многу генерации спортисти. Со реконструкцијата, салата повторно се враќа во функција, во нов лик и достојни услови за развој на спортот и на младите велешки спортисти.

Најнови вести