ватикан

Папата Лав помина мирна ноќ во болница по успешната операција на белите дробови

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

„Ноќта за папата помина мирно. Дополнителни информации ќе бидат објавени подоцна во текот на денот“, соопшти во средата наутро, Канцеларијата за печат на Светата столица, еден ден откако папата Лав беше успешно опериран на белите дробови, без никакви компликации.

Папата Лав XIV беше опериран во болницата „Џемели“, при што лекарите му го отстранија долниот лобус на десното белодробно крило.

Во соопштението што Канцеларијата за печат на Светата столица го објави во вторникот вечерта, д-р Луиџи Карбоне и професор Стефано Маргаритора, раководител на Одделот за торакална хирургија во болницата, кои заедно со медицинскиот тим ја извршија операцијата, потврдија дека хирурзите го отстраниле долниот лобус на десното белодробно крило на папата.

„За да се обезбеди радикална ресекција, долниот лобус на десното белодробно крило беше отстранет со помош на видеоасистирана хируршка техника“, се наведува во соопштението.

Анализата на ткивото извршена за време на операцијата ја потврди дијагнозата за која постоело сомневање врз основа на претходно спроведените испитувања.

„Интраоперативното хистолошко испитување ја потврди дијагнозата на аденокарцином на белите дробови, како што се претпоставуваше врз основа на предоперативните испитувања“, изјавија лекарите.

Папата поминал приближно три часа во операционата сала, додека самата операција траела околу 90 минути. Лекарите потврдија дека интервенцијата била успешна и поминала без компликации.

По операцијата, папата Лав нормално се разбудил од анестезијата и, по краток период на набљудување, бил вратен во својата болничка соба на десеттиот кат, се наведува во соопштението.

Според директорот на Канцеларијата за печат на Светата столица, Матео Бруни, по операцијата папата Лав побарал вечера и ја поминал вечерта во друштво на своите секретари и други вработени во Ватикан.

Во наредните денови ќе бидат спроведени дополнителни постоперативни испитувања на отстранетото ткиво. Предоперативните испитувања веќе им овозможиле на лекарите прецизно да утврдат каде и на кој начин треба да се изврши хируршката интервенција.

Засега не е соопштена никаква промена во однос на претходно најавениот болнички престој од една недела.

Најнови вести